Рестриктивните мерки ќе ја чинат Франција 32 милијарди евра

24

Франција годинава треба да потроши околу 32 милијарди евра за поддршка на економијата, по 2020 година кога дефицитот и долгот достигнаа историски нивоа, посочи денеска министерот за јавни финансии Оливие Дисоп, јави дописникот на МИА.

Трошоците за продолжување на итните мерки досега проценуваме дека ќе надминат 30 милијарди евра, поточно околу 32 милијарди евра, со 18 милијарди за Фондот за солидарност, 11 милијарди за делумна активност и околу 3,5 до четири милијарди евра за ослободувања од социјални придонеси, рече министерот.

“Како што кажавме, ќе продолжиме да им помагаме на Французите и на деловните субјекти се додека се спречени активностите“, додаде тој.

Минатата година Франција потроши 47 милијарди за оваа помош: повеќе од 16 милијарди за Фондот за солидарност, околу 27 милијарди за делумна активност (и четири милијарди евра за ослободувања од придонеси. Здравствената и економската криза веќе ги затегна јавните финансии минатата година.

Бројките се историски и охрабрувачки, вели Оливие Дисоп. “Историски, бидејќи дефицитот за 2020 година е најголем што Франција го познава во современиот период и охрабрувачки затоа што е помалку важен од она што го замислувавме“, додаде тој.

Министерот, исто така, вели дека е оптимист во однос на капацитетот за враќање на француската економија, благодарение на нејзиниот добар отпор на крајот на 2020 година, и покрај здравствените ограничувања, и благодарение на планот за обновова од 100 милијарди евра, одлучен од владата.

Според последните пресметки на Националниот институт за стаистички и економски студии, јавниот дефицит достигна 9,2 % од БДП, а јавниот долг 115,7 % од БДП.

Фото: Pixabay