Рестриктивните мерки на големо се враќаат во Европа

65

Повеќе европски земји најавуваат повторно воведување рестриктивни мерки поради порастот на бројот на заразени со коронавирус. Меѓу мерките што повторно ќе стапат на сила се ограничување на патувања, скратено работно време на угостителските објекти, лимитирање на јавни собири, работа од дома…

Како што пренесуваат европските медиуми, Холандија воведе нови мерки откако е регистриран рекорден број на заразени. Во оваа земја е задолжително носење на маски, забрането е да се следат спортски натпревари во следните три недели, а баровите и рестораните затвораат во 22 часот.

Во Словачка се забранува одржување на поголеми настани, а властите апелираат граѓаните да носат маски, да избегнуваат поголеми собири, а ако е потребно ќе бидат воведени уште построги мерки, пренесува Ројтерс.

Властите во Британија, исто така, воведуваат рестриктивни мерки, со цел да се спречи ескалирање на ширењето на заразата. Тие важат за семејни собири, во пабовите и рестораните, а оние кои нема да ги почитуваат ќе се соочат со парични казни.

Шпанската престолнина го лимитира движењето на населението со цел да не се дозволи понатамошно ширење на коронавирусот. Жителите на Мадрид и околината смеат да излегуваат само ако одат на работа, во болница, на училиште, во суд или кај блиски лица. Полицијата повремено врши контрола на луѓето и проверува дали ги носат потребните потврди за движење.

И во неколку региони во Италија се најавени построги мерки за на отворен простор, со цел да се спречи масовно ширење на коронавирусот. Во некои делови од земјата е задолжително носење на маски на сите лице постари од шест години.

Фото: Pexels