
Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ денес соопшти дека 20.000 вработени веќе потпишале договори за доброволно отпуштање, при што околу две третини од заминувањата се пензионираат предвремено.
Компанијата со седиште во Волфсбург претходно усвои план за штедење со кој ќе се намалат вкупно 35.000 работни места до крајот на деценијата, првенствено во нејзините германски фабрики, објави „Билд“. Исплатите за отпремнина за погодените работници зависат од должината на работниот стаж и би можеле да изнесуваат до 400.000 евра по лице. Менаџментот на „Фолксваген“ и синдикатите се согласија на крајот од 2024 година за мерки за штедење за неговиот основен бренд „Фолксваген“ што ќе ги намалат трошоците за работна сила за 1,5 милијарди евра годишно, објави „Танјуг“.
Компанијата, исто така, најави дополнителни мерки за штедење, при што бројот на годишни места за обука ќе се намали од 1.400 на 600 од 2026 година, додека 130.000 вработени во „Фолксваген“ ќе мора да се согласат на период без вистинско зголемување на платите.
Планирано е пет проценти од заработката да се пренасочат кон фонд за флексибилни модели на работа, а годишниот бонус од 1.290 евра се укинува.
Синдикатот IG Metal тврди дека оваа договорена стратегија засега спречила затворање на фабриките на „Фолксваген“, но останува неизвесно дали ова ветување може да се одржи поради долгорочната криза во германската автомобилска индустрија, додаде германскиот весник.