
Со извршената ревизија во АД Државна лотарија за 2024 година, утврдени се сериозни неправилности кои се поврзани со нелогични и непостоечки трансакции, записи без соодветна финансиска документација или поткрепени со неверодостојни документи, поради што постои сомнеж за злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, за 2024 година, при што се воздржа од изразување на мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и изрази неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Со извршената ревизија е утврдено дека во 2024 година, вкупно остварениот дневен пазар, по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото, изнесува 46.039 илјади денари (746.970 евра), но истиот не бил редовно уплатуван на платежни сметки во деловните банки на друштвото, иако согласно законската регулатива правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка.
Во текот на 2024 година друштвото само во два наврати извршило уплата на име “дневен пазар‘‘ и тоа: во април 2024 година уплатени се 36.364 илјади денари и на крајот на 2024 година уплатени се 15.427 илјади денари. При тоа, ревизорите утврдија дека овие уплати не се од примените парични средства во готово – „дневен пазар‘‘, туку претставуваат средства кои се подигнати како готовина од една и уплатени како дневен пазар на друга сметка на друштвото.
Наведената состојба била овозможена од повеќе причини. Имено, не е воспоставена пракса да се води посебна книга на благајна (благајнички дневник), за секој ден во кој е остварен промет, со впишани трансакции по редослед на настанување, ниту да се изготвува соодветна документација како потврда за извршената трансакција (предавање на готовина) поради што не е овозможено нивно следење и евидентирање во моментот на настанување и не постои прегледност во остварениот дневен пазар.
Истовремено, не се воспоставени внатрешни контроли во целокупното работење на друштвото, а пред се недостасува разграничување на надлежностите меѓу вработените и следење и контрола на трансакциите во процесот на продажба и евидентирање и уплата на дневен промет од продажба.
Иако во Правилникот за систематизација на работни места предвидени и пополнети се работни места благајник и шеф на сметководство во Сектор за финансии и сметководство, поголем дел од работните активности кои се однесуваат на прием и ракување со готови пари, како и нивно сметководствено евидентирање ги извршувалo едно лице – директорот на Секторот за финансии и сметководство. На ова се надоврзува и околноста што во друштвото не функционирала внатрешната ревизија, што резултирало со неоткривање на недозволените и нелегални активности. Наведеното, предизвикува нефункционално финансиско управување, ја нарушува финансиската дисциплина и претставува сомнеж за можна злоупотреба на парични средства.
Државните ревизори утврдиле дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13.971 илјади денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку Мастер дилер[1].
За поголем дел од овие трансакции, во износ од 13.054 илјади денари, доставени се неуредни и невалидни документи или воопшто не се доставени документи, поради што постои несигурност во однос на вистинитоста на евидентираните настани. Постојат случаи во кои на деловните соработници, на ист ден им се извршени исплати на парични средства и преку благајна и преку Мастер дилер, без логично објаснување за причините и потребата од овој начин на дејствување.
За евидентираните одливи (36.465 илјади денари) и приливи на парични средства (7.897 илјади денари) во готово, по основ на дадени и вратени аванси за исплата на мали добивки кај сопствените продажни места на друштвото, ревизорите утврдија дека поткрепувачката документација е спорна и неверодостојна. За потврдување на оваа состојба од страна на ревизорите обезбедени се изјави од вработените лица во друштвото, со тврдење дека за наведените износи не се примени, ниту вратени аванси во Секторот за финансии и сметководство, што упатува на сомнеж за нерегуларности поврзани со можна злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки.
Преку увид во трговските книги на друштвото, анализа на добиените информации од централниот on–line систем за извршените уплати и исплати од продажба на лотариски игри на среќа, како и податоците од on–line платформата со играчки содржини за приредување интернет игри на среќа, утврдени се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции по повеќе основи, во вкупен износ од 122.490 илјади денари, односно 1.987.377 евра, поради што постои сомнеж за злоупотреба на наведените јавни средства.
Во 2024 година, инстант лотаријата е застапена со 12 различни вида на инстант лозови со добивки во пари и предмети. Ревизорите истакнуваат дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63.294 илјади денари помал во однос на износот добиен според централниот on–line систем, што не е во согласност со правилата на играта, ја доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки и го загрозува интегритетот на Државна лотарија.
За 3 инстанти со добивки во предмети (станови, автомобили и електрични скутери), ревизорите утврдиле дека:
- нема воспоставена сметководствена евиденција за набавените добивки, со можност од неосновано присвојување;
- набавките се вршеле 2–15 месеци пред одобрување на правилата од страна на Министерството за финансии, со што пред време се трошеле парични средства и
- не се евидентирани трошоци за набавка на предмети во износ од 35.395 илјади денари за 2024 година и 37.424 илјади денари за 2023 година, а за еден случај не се искажани обврски во износ од 23.264 илјади денари.
Во текот на 2024 година во Државна лотарија евидентирани се трошоци за реклама, пропаганда, промоција и саеми во износ од 220.823 илјади денари, односно 3.582.811 евра. Во периодот од 2020 до 2024 година, овие трошоци бележат континуиран раст, односно во годината предмет на ревизија истите се 10 пати поголеми споредено со 2020 година.
Со извршениот увид во трговските книги на друштвото, во постапките од спроведени јавни повици за закуп на медиумски простор и доделени договори за јавни набавки за маркетинг и нивна реализација, утврдени се неправилности во вкупен износ од 73.406 илјади денари. Неправилностите пред сѐ се однесуваат на недостаток на прецизни одредби во склучените договори за начинот на вршење на мониторинг и известување за реализацијата на услугата, но и за воспоставената пракса да не се обезбедува поткрепувачка документација за потврдување на извршената услуга пропишана со договорите (медиа планови и/или извештаи за извршени услуги потпишани од овластени лица од двете договорни страни, фактури без детален опис на услугата и сл.). Забелешки по овој основ утврдила и УЈП по извршена надворешна контрола во 2024 година. Врз основа на сето погоре наведено, ревизорите во извештајот констатирале сомнеж во оправданоста на дел од трошоците за маркетинг услуги.
Ревизорите утврдиле и други случаи во кои не е можно во целост да се потврди наменското и рационално користење на јавните средства за маркетинг активности. Според информацијата добиена од националната телевизија на која се емитувани забавните емисии, во текот на сезоните 2023/2024 и 2024/2025 година биле емитувани вкупно 70 емисии, додека 8 емисии за кои се исплатени вкупно 2.723 илјади денари, не се доставени до друштвото, поради што ревизорите не се увериле дека истите се продуцирани.
Истовремено, друштвото платило 3.584 илјади денари повеќе за продукција на 28 забавни емисии за Државна лотарија. Слична состојба е утврдена и кај набавка на услуги од агенција за организирање на деловни и корпоративни состаноци, каде ревизорите констатирале дека за исплатениот износ од 2.580 илјади денари поради недоставена соодветна поткрепувачка документација не е обезбедена отчетност и транспарентност при реализација на договорот и не е можно да се потврди дека состаноците биле организирани за потребите на друштвото и се поврзани со неговото работење.
Во текот на 2024 година набавена е опрема (компјутерска и комуникациска опрема, телевизори за продажните места на деловните соработници, систем за видео надзор, систем за следење и контрола на возила со ГПС/ГПРС уреди, лотариски терминали и лотариска опрема, високо прецизни клима уреди и касетна таванска клима, УПС уреди за непрекинато напојување и автоматски дизел електричен агрегат) во вкупен износ од 26.620 илјади денари, без соодветна документација за извршен квалитативен и квантитативен прием на истата.
Дел од примената опрема во износ од 15.387 илјади денари, не одговара на перформансите наведени во техничката спецификација од склучените договори, како и на опремата евидентирана во сметководството.
Набавена опрема која не одговара на перформансите од тендерската документација
Наведената состојба е констатирана и со извршениот попис за 2024 година, со кој истовремено е утврден и кусок на истата опрема (телевизори за продажните места на деловните соработници, систем за видео надзор и дел од компјутерска и комуникациска опрема) во износ од 3.722 илјади денари.
Утврдени се неправилности и во управувањето и користењето на објектите земени под закуп, нерационално користење на јавни средства за закуп, нивна реконструкција и реновирање, како и отсуство на сметководствена евиденција за вложувањата во туѓи средства.
Вкупно утврдените трошоци за закуп во 2024 година изнесуваат 71.168 илјади денари, при што 47% од нив (33.476 илјади денари) се по основ на закуп на деловен простор за сопствени продажни места и магацини. Резултатите од спроведената анализа на овие трошоци за периодот од 2020 до 2024 година покажува дека истите бележат постојан тренд на зголемување и во однос на 2020 година се речиси тринаесет пати поголеми.
За три деловни простори во Делчево, Велес и Аеродром, иако се платени закупнини во вкупен износ од 5.339 илјади денари (во 2024 година 3.289 илјади денари) истите не се користени од страна на Државна лотарија, поради што во текот на 2025 година договорите се раскинати.
Ревизорите откриваат дека за деловните простори во Делчево и Велес извршена е реконструкција и реновирање во износ од 11.628 илјади денари, но бидејќи паричните средства не се платени започната е судска постапка од страна на добавувачот.
За овие активности во октомври 2024 година направена е процена од овластен проценител, а потоа во мај 2025 година и вештачење, при што овластениот проценител за 4.239 илјади денари утврдил неосновано поголем износ на времена ситуација, како и низа неправилности при извршување на работите, додека неосновано поголем износ за 9.631 илјади денари на истата времена ситуација е утврден и во издадениот Вешт наод и мислење.
Во периодот од јули 2023 година до октомври 2024 година за изнајмување на канцелариски и магацински простор на друштвото, склучен е договор за закуп на административно деловен простор во Визбегово со површина од 2.426 m2, месечна закупнина од 25.764 евра или вкупен износ од 3.091.680 евра со ДДВ за период од 10 години. За овој деловен простор, исплатени се вкупно 24.647 илјади денари (400 илјади евра)[2], иако просторот пет месеци во 2023 година не е користен. Овој простор во периодот од јануари до октомври 2024 година е користен како магацински простор за чување на видео лотариските терминали и нивната периферна опрема.
Со цел овој деловен простор да се адаптира во ново седиште на дирекцијата на Државна лотарија, во март 2024 година, склучен бил договор со правно лице, за изработка на проектна документација и ревизија на проектна документација за реконструкција и реновирање на деловен простор за што се платени 4.248 илјади денари. Во 2024 година била планирана и постапка за набавка на работи, стоки и услуги за реконструкција и реновирање во новото седиште на друштвото, со проценета вредност од 80.000 илјади денари, но постапката во август 2024 година била поништена поради битни пропусти и недостатоци во тендерската документација и техничката спецификација. Еден месец подоцна, друштвото еднострано го раскинало договорот за закуп.
Според податоците од ЕСЈН, во 2024 година, 54,1% од постапките за јавна набавка на друштвото се со една доставена понуда и 4,9% од постапките со една прифатена понуда од повеќе поднесени, што укажува на недостаток на конкуренција помеѓу економските оператори во постапките.
Во текот на ревизијата ревидирани биле 21 постапка, што претставува 82% вкупно преземените обврски на друштвото кои подлежат на Законот за јавни набавки (831.151 илјади денари). Најголем дел или 17 постапки се спроведени како рамковни спогодби склучени со еден економски оператор, иако дел од нив целосно биле реализирани во краток временски период по склучување на спогодбите.
Во 16 постапки набавките се спроведени како неделиви, иако биле исполнети условите за спроведување на истите како деливи постапки.
Во рамките на 3 постапки за јавна набавка на услуги од маркетинг агенции, ревизорите утврдиле дека истовремено биле набавени стоки кои се наменети за добивки во предмети за наградни игри (возила, телефони, лаптопи и луксузни патувања). Имајќи во предвид дека маркетинг агенциите не се договорен орган согласно Законот за јавните набавки, ваквиот начин на набавка на стоки и услуги претставува избегнување на примената на одредбите и начелата од наведениот закон.
Во 11 постапки од вкупно опфатените со ревизијата било предвидено да се користи критериум економски најповолна понуда, што значи покрај цената да се оценува и квалитетот на понудата, при што не биле дефинирани квалитативни критериуми врз основа на кои ќе се темели оценувањето на квалитетот.
Ревизорите во извештајот истакнуваат дека за деловната 2024 година раководното лице на друштвото склучило договори за дело за вршење на привремени работи со вкупно 195 лица, од кои 75 лица не доаѓале на работа и не извршувале работни задачи, а за истите незаконски и ненаменски исплатени се 14.911 илјади денари, односно 241.928 евра.
Неправилности и незаконитости се утврдени и кај трошоците за службени патувања во странство во вкупен износ од 6.041 илјади денари, при што за дел од нив исплатени се издатоци иако истите не биле реализирани (3.331 илјади денари) или биле исплатени без документација која го потврдува трошокот (2.710 илјади денари). Во овие трошоци се вклучени и трошоци за репрезентација, посета на културни институции, набавка на облека за лична потреба, сувенири и слично во вкупен износ од 3.092 илјади денари. Дел од трошоците за репрезентација се оправдани врз основа на неверодостојни документи. Слични неправилности се констатирани и кај трошоци за одржување на возила и набавка на гориво во износ од 985 илјади денари.
Во извештајот се наведени и други утврдени состојби кои се однесуваат на несоодветно и неточно водена сметководствената и материјалната евиденција, нецелосно извршен попис на средствата, обврските и побарувањата, неосигурени имот и средства на друштвото од пожар и други елементарни непогоди, неизвршена ревизија на финансиски извештаи со годишниот извештај за работа на друштвото за 2024 година и други состојби.
Ревизорите во извештајот ги нагласуваат прашањата за:
- преземените активности за престанување со работа на трговските друштва за приредување електронски и интернет игри на среќа во кои Државна лотарија има непаричен влог,
- неизвесноста во однос на периодот кога набавените видео лотариски терминали за приредување електронски игри на среќа во износ од 596.128 илјади денари (9.700.000 евра), би можеле да се стават во употреба, поради што постои ризик од нивно технолошко застарување;
- дадените заеми на акционерски друштва во државна сопственост и на јавно претпријатие во општинска сопственост во вкупен износ од 252.542 илјади денари, односно 4.097.446 евра и
- други состојби.
За сите идентификувани неправилности и слабости, Државниот завод за ревизија даде конкретни препораки до надлежните лица и органи за нивно отстранување и за унапредување на финансиското и материјалното работење на друштвото.











