Книгата чии страници можат да се искористат како филтри за прочистување на вода успешно го помина првиот тест на терен. На страниците на оваа “книга за пиење” е испечатено упатство за користење, а страниците се кинат и се користат како филтри. Хартијата содржи нано честички од сребро или бакар што ги уништуваат опасните бактерии.
Книгата може да биде револуционерно решение за околу 663 милиони луѓе ширум светот кои немаат пристап до чиста вода за пиење. Тестирањата на загадена вода во Јужна Африка, Гана и Бангладеш покажаа дека хартијата уништува преку 99% на сите бактерии во водата, пишува BBC.
На книгата неколку години работеше д-р Тереза Данкович од Карнеги Мелон Универзитетот во Питсбург.
Данкович вели дека само една страница од книгата може да прочисти до 100 литри вода, а цела книга може на едно лице да му обезбеди доволно чиста вода за четири години.