Ријана е најмладата „self-made“ милијардерка во САД: „Моите пари не се за мене, секогаш гледам да помогнам“

63

Пејачка од Барбадос, Ријана (34) е и најмладата милијардерка во САД која сама го стекнала богатството.

Таа не пораснала во облакодер на Менхетен или во Холивуд, но денес може да си ги дозволи најубавите куќи токму на такви места и многу повеќе, бидејќи нејзиното лично богатство се проценува на 1,4 милијарди долари.

Ријана во светот на музиката и шоу-бизнисот влезе на многу млада возраст, а од пред неколку години е на чело на популарните козметички брендови – Fenty и Fenty Beauty, кои и донесоа огромен профит. Ријана е сопственик и на модниот бренд Savage X Fenty.

Според CNBC, Ријана неодамна трета година по ред се најде на врвот на годишната листа на Форбс за најбогати жени во Америка кои сами го стекнале богатството. Таа се рангираше на 21-то место во целина и е единствената милијардерка на таа листа – помлада од 40 години.

Добар дел од парите дојдоа од нејзината музичка кариера, но најголемиот дел од нив дојде од овие три малопродажни компании. Блумберг во март објави дека компанијата за долна облека Savage X Fenty работи со советници на ИПО што потенцијално може да се процени на 3 милијарди долари.

Ријана поседува 30 отсто од таа компанија, а поседува и половина од Fenty Beauty, која имаше приход од 550 милиони долари во 2020 година. Другата половина од компанијата е во сопственост на францускиот луксузен моден конгломерат LVMH. Бројките се импресивни, но пејачката и претприемач рече дека нејзиниот фокус не е на проценките и признанијата.

Во 2019 година, таа изјави за магазинот Т на Њујорк Тајмс дека бидејќи никогаш не планирала да заработи богатство, постигнувањето финансиски пресвртници „нема да ја спречи да работи“. Деветкратната добитничка на наградата Греми истакна и дека во секој случај заработените пари сака да ги насочи кон работи кои се важни.

“Моите пари не се за мене; секогаш постои помислата дека можам да помогнам на некој друг – рече таа. „Светот навистина може да ве натера да верувате дека погрешните работи се приоритет, и тоа ве тера навистина да ја пропуштите суштината на животот, што значи да се биде жив“.

Фото: Facebook