Хрватскиот претприемач Мате Римац и неговата компанија Rimac Automobili уживаат во светска слава деновиве по претставувањето на сензационалниот хиперавтомобил Nevera. Но, покрај неговата успешна приказна, Римац раскажа и се потсети дека не било сè сјајно и бајковито во градењето на компанијата и производот.
На одржувањето на една загрепска конференција, тој реши искрено да сподели некои детали од најтешките моменти во неговата кариера, за кои рече дека не знаел во тоа време дали компанијата ќе преживее.
За време на презентацијата на тема 12 најтешки месеци во создавањето на Rimac Automobili, тој спомена дека во најтешкиот период за компанијата во 2017 година, му помогнал ИТ експерт од Босна и Херцеговина и всушност ги спасил сите.
Римац го опиша како “човек што шета низ sидови“ и му позајмил 300.000 долари иако се познавале само два дена.
“Мислев дека луѓето ќе започнат да заминуваат, дека се ќе се распадне. Но, неверојатно, само еден човек замина во тој момент. Побарав помош, му пишав на Ненад Бакиќ да го прашам Емил Тедески дали може да помогне, бидејќи јас не го познавав Емил лично. Ниту Ненад, ниту Емил не можеа да ми помогнат во тој момент. Но, еден од клиентите ми помогна, тој ни испрати 200.000 долари. И еден човек од ИТ индустријата, од БиХ. Човек кој поминува низ ѕидовите. Тогаш го познавав два дена и тој веднаш се согласи да ми помогне, ми позајми 300.000 долари“, открива Римац.
Какп што пренесуваат босанските медиуми, станува збор за Игор Крезиќ, основач и сопственик на мостарската компанија NSoft.
Тој е исто така основач на SPARK, SYNC, Stark Soultions и Rolla.
“Човекот е генијалец и горд сум што имав можност да помогнам“, рече кратко Крезиќ, додавајќи дека никогаш не сакал да направи маркетинг од тоа.
И сè започна кога се појави мистериозен инвеститор кој на крајот го измами Римац и ја доведе компанијата на работ на пропаст.
“Овој господин се појави, ајде да го наречеме Џон, да не го кажувам неговото вистинско име, тој има шведско потекло, но е Американец. Тој дојде во Хрватска за друга работа. Инвестираше претходно во Twitter, Spotify, ни покажа снимки од забава во Дубаи, фотографираше на скапи јахти, дојде со приватен авион. Тој се вљуби во нашата компанија, сите ни рекоа да ја преместиме компанијата надвор од Хрватска и тој рече: Ма неее. Па, сè звучеше одлично за нас. Му рековме во ред, можеме со вас, ако сте навистина брзи, имаме и други заинтересирани инвеститори. И тој рече: Добро!. Тој даде понуда да инвестира 27 милиони долари за Rimac и три милиони долари за Greyp. И ние им се јавивме на Кинезите дека имаме подобар инвеститор, Џон е главен, вие можете да бидете втори. Па дури и тие се согласуваат, така што сè е одлично. Тоа беше во јуни 2016 година“, рече Римац.
Тоа е времето кога отпочнале проблемите.
“Тогаш Џон излезе со идеја дека некои договори сепак треба да се променат, иако тој веќе ги видел. Се боревме таму, но рековме, ‘ајде, можеме да преживееме уште неколку месеци. Иако веќе ни згуснуваше, затоа што фирмата снемува пари. И не сакаме да му кажеме на инвеститорот дека немаме пари за следните плати. Ние го одложивме се додека можевме. Тогаш имавме повеќе од 150 вработени. Сето тоа траеше некое време поради промената на документите, па затоа од Џон побаравме два-три милиони да се премостат. Тој се согласи. Тоа беше околу Божиќ 2016 година. Но, ништо не се случи, и неделите минуваа. Веќе сме во паника, секој ден се јавуваме во банка, а банката ни вели да ги оставиме на мира, дека ќе не известат кога ќе пристигнат парите. Банката нè предупреди да бидеме внимателни, и дека мислат дека станува збор за измама. Имаме кризни состаноци во компанијата, што ќе правиме сега. Не е толку лесно да раскинете со еден инвеститор и да продолжите понатаму со друг, а ние веќе сме без пари. На почетокот на 2017 година, сфативме дека нешто не е во ред. Секој ден паничиме, балансираме и сметката ни е нула,… “, се присетува Римац.
Фото: Facebook











