Римац во нов бизнис: Одлучи да инвестира во ЗЕМЈОДЕЛСТВО

291

Директорот на хрватската групација „Римац“, Мате Римац, инвестираше во првите виртуелни градини во светот – „Градините Грунтек“, а тоа е негова прва приватна инвестиција во зелени решенија надвор од автомобилската индустрија, пренесуваат медиумите.

Како што соопштија од „Грунтек“, со пристапувањето Римац и помага на компанијата во реализацијата на големите планови за иднината, односно излегувањето на странскиот пазар, поради што се презадоволни.

Ова е и прв агро-проект во кој инвестира Римац.

„Ние сме чекор поблиску до реализација на големите планови за создавање позелена и поодржлива иднина: „Грунтек“ го поттикнува урбаното население да набавува органски зеленчук директно од производителите, без посредници, транспарентно, поповолно и без создавање отпад од пакувањето и фрлањето на вишокот храна од малопродажба, што е неизбежно во трговските синџири. „Грунтек“ нема такви проблеми; не користиме пластика во производството, пакувањето и дистрибуцијата. Корисниците веќе се навикнати на природниот изглед и вкус на зеленчукот, па не планираат да се вратат на масовно производство“, се наведува на веб-страницата на Грунтек.

Се вели дека првите градини на иднината во светот им овозможуваат на своите корисници дигитално да засадуваат садници и да управуваат со својата градина преку веб апликација, а потоа да уживаат во вистински органски зеленчук, додека во меѓувреме преку мобилни телефони ги следат сите земјоделски активности. Проектите како „Грунтек“ и визионери како Римац би можеле да ја поттикнат свеста на граѓаните и да ја забрзаат технологијата за Хрватска да почне да се приближува до европските стандарди, додава „Грунтек“.

Инвестицијата, чија висина не е прецизирана, ќе биде искористена за новата фаза на развој на градините во Хрватска, како и за подготовка за излез на странскиот пазар, се вели во соопштението, како што пренесуваат медиумите.

„Грунтек“ на крајот на 2020 година прв се појави на хрватскиот пазар со вакво решение.

Компанијата има големи планови за зелена и одржлива иднина. Паралелно со дополнителен развој на услугата на хрватскиот пазар, подготвуваат и план за проширување на странскиот пазар, почнувајќи од Австрија.

Основачот на „Грунтек“, Тино Просеник, рече дека планираат да ја подобрат веб апликацијата.