
Владата засега нема да воведува нови ограничувања на цените или маржите, оценувајќи дека инфлацијата е на нормално ниво и економски оправдана со оглед на светската криза. Заменик-министерот Марјан Ристески најави дека над 30 инспекциски екипи се на терен за да спречат непазарно профитирање врз грбот на граѓаните.
Имаме нормална инфлација со оглед на кризата во светски рамки, која не е на алармантно ниво за да се ограничат маржите или цените. Ситуацијата постојано се следи и ако има потреба, Владата ќе ги спроведе сите законски можности и решенија. Нормално е да има мало покачување на цените на одредени производи, но сето тоа е дозволиво доколку е економски оправдано, изјави денеска заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Како што истакна Рисетски, преку 30 екипи од Државниот пазарен инспекторат се на терен, ги контролираат цените на увозниците, дистрибутерите, производителите и маркетите. Нема да се дозволи неекономско и непазарно однесување и печалење на грбот на граѓаните.
-Видовте дека имаме капацитет да се справуваме со вакви кризи кои ги имавме овие две години. Имавме лошо економско владеење на претходната власт кое сега го трпи оваа Влада преку враќање стари долгови, лоши законски решенија и лоши мерки кои ги спроведувале и кои, на некој начин, како бран се пренесуваат во наредниот период. Ние успеавме да ја смириме инфлацијата пред да почне светската економска криза и беше проектирана на 2,5 до 3 отсто од страна на Народна банка и Владата, меѓутоа сигурно ќе имаме малку повисока инфлација. Владата во иднина е подготвена да ги спроведе сите законски можности и решенија – дали тоа ќе биде во однос на ограничување на цени или можност за намалување на ДДВ на одредени на основни прехранбени производи. Ќе реагираме во однос на ситуацијата и анализите кои доаѓаат не само од Државниот пазарен инспекторат, туку од сите институции и министерства. Мора да бидат аналитички и економски издржани, бидејќи секое политичко, ад-хок решение, како порано што правеле, предизвикува други економски турбуленции од кои понатаму државата многу тешко излегува, нагласи заменик-министерот.
Според него, енергетската криза влијае врз животниот стандард и инфлацијата не само во Македонија, туку во целиот регион и секаде во светот.










