РК Алкалоид – нов ракометен клуб во Македонија

164

Македонската ракометна сцена од денеска е побогата за уште еден клуб. Нов член на Првата лига е ракометниот клуб (РК) Алкалоид. Главен спонзор на клубот којшто ќе се потпира на млади и талентирани играчи ќе биде фармацевтската компанија Алкалоид.

“Наша цел е настап во Првата лига каде се кали челикот кога се работи за млади ракометари. Сакаме овие играчи да ги насочиме на вистински пат преку правилна работа со нив и соодветни услови. Тоа е и нашата цел како компанија, чии основни начела за професионален пристап во операциите, што ќе се пренесе и во овој клуб“, изјави првиот човек на компанијата Алкалоид и на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов.

Раководството на РК Алкалоид договори соработка со КЛ7, брендот на најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров.

“Чест ми е што сум дел од овој проект кој е за доброто на македонскиот ракомет. Ќе се трудиме да изградиме македонски ракометари кои во иднина ќе бидат дел од репрезентацијата. Целта е на младите играчи да имаат квалитетен тренинг и квалитетна тренерска работа“, истакна Лазаров.

За претседател на РК Алкалоид е назначен Горан Минов, поранешен ракометар.

Фото: Facebook