РКЕ бара зголемување на обемот на ранливи категории на потрошувачи кои користат субвенции

40

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) поднесе иницијатива со која се бара зголемување на обемот на ранливи категории на потрошувачи кои користат субвенции од државата при плаќање на електрична енергија, изјави денеска директорот на РКЕ Марко Бислимовски.

Потенцира дека при првичните анализи наишле на проблем, а тоа е дека голем број ранливи категории на потрошувачи кои моментално користат субвенции од државата не можеле да ги поврзат со нивното броило, односно домаќинството кое што ја прима социјалната помош не било поврзано со местото на потрошувачка.

“Земавме еден примерок од околу 2.000 граѓани кои што ја користат оваа помош и во соработка со електродистрибуција и ги проверивме нивните броила и за жал кај околу 70% од нив не се води дека тие се корисници на тие броила, туку дали тие се куќи под кирија дали се купени други куќи, но таа обврска не е извршена од граѓаните, тоа ни претставува голем проблем, но верувам дека тоа ќе се надмине во следниов период“, изјави директорот на РКЕ.

Бислимовски рече дека субвенциите не треба да се префрлаат кај граѓаните како пари бидејќи не се знаело дали истите се користат при плаќање на сметки за електрична енергија. За таа цел комисијата изработила два предлога за начинот на префрлање на субвенциите.

“Ние имаме два предлога, првиот е граѓаните да добиваат ваучер кој што ќе го користат при плаќање на сметките за електрична енергија или пак директно од буџетот на државата да се префрлат соодветни средства на универзалниот снабдувач и за тој износ што ќе се добие за конкретното домаќинство да се намали нивната сметка за електрична енергија исто така според она што го увидовме најдобар пристап ќе биде доколку се поделат домаќинствата врз основа на приходи така да домаќинствата чии што приходи се во рамките на минималната кошничка ќе добиваат најголема помош, па потоа како ќе се зголемуваат приходите на домаќинството точно одредена сума од оваа субвенција од државата ќе се намалува затоа што сепак не треба да заборавиме дека постојат и категории на домаќинства кои што немаат проблем да си ги покријат своите трошоци за електрична енергија“, изјави Бислимовски.

Информира дека тоа како иницијатива веќе е поднесено и разговарано и со министерствата за економија и за труд и социјална политика како и дека очекува пристап од надлежните министерства кон конечна изработка на оваа програма.

Фото: Freepik