На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска ќе биде отворена петтата меѓународна работилница РобоМак 2014, на која годинава ќе учествуваат околу 70 домашни и 30-тина странски студенти од повеќе од 20 европски држави.
РобоМак 2014 на учесниците ќе им помогне да ги продлабочат и дооформат знаењата стекнати преку формалното образование. Ќе трае до 9 март, а ден пред затворањето, во Дом на АРМ ќе се одржи финале на кое тимовите-учесници ќе се натпреваруваат со своите креации.
“Се работи за интернационален настан посветен на развој на програмирањето и роботиката, на кој студентите ќе програмираат во мешани тимови и ќе се обидат да ги искористат постоечките роботи на најефикасен и креативен начин. РобоМак е меѓународен проект кој веќе 5-ти пат успешно се организира во Македонија и привлекува голема заинтересираност кај студентите од техничките науки”, соопшти ФЕИТ.
РобоМак 2014 е организиран од здружен организациски одбор, од студентските организации ЕЕСТЕК ЛК Скопје, ИЕЕЕ Македонија – Студентскиот парламент на ФЕИТ кои повеќе години успешно функционираат на техничките факултети на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.