Научници развија автономен робот што со помош на вештачка интелигенција ќе ги асфалтира дупките на улиците низ Велика Британија, пренесуваат британските медиуми.
Станува збор за електрични роботи што ги развија научници од Универзитетот во Ливерпул, преку spin off компанијата Robotiz3d. Роботите што се своевидна комбинација на тенк и валјак сами ќе откриваат дупки на патот и сами ќе ги прекриваат со асфалт.
Според научниците, овие роботи би можеле да се најдат на улиците од следната година.
“Новата технологија ќе го забрза одржувањето и ќе ги намали трошоците. Патиштата ќе бидат побезбедни и поквалитетни“, вели Себастијан Фичер, технички директор на Robotiz3d.
Роботот ќе може самостојно да вози низ сообраќајниците и да детектира оштетувања. Тој ќе ги испраќа податоците до централа каде ќе се донесуваат понатамошни одлуки. Во случај на поголеми проблеми, на терен ќе бидат упатени специјализирани екипи.
Доколку станува збор за помали оштетувања, роботот ќе ги санира во краток рок со нанесување на тенок слој асфалт.
Фото: Robotiz3d