Роботска револуција во Амазон: Новиот робот „Протеус“ самостојно ќе носи одлуки во магацините

Технолошкиот гигант Amazon најави нова фаза од автоматизацијата на својата европска логистичка мрежа, претставувајќи напреден робот со вештачка интелигенција кој може самостојно да извршува задачи и да реагира на едноставни гласовни команди.

Проектот е дел од инвестициски план вреден околу 10 милијарди евра, насочен кон модернизација на магацините, забрзување на испораките и зголемување на ефикасноста на работењето низ Европа.

Новиот робот, наречен „Протеус“, е способен самостојно да се движи низ магацинските простори, да ги анализира приоритетите и да одлучува како и кога ќе ги изврши задачите. За разлика од претходните генерации роботи, кои работеа во строго определени зони, новиот систем има значително поголема автономија и флексибилност.

Компанијата планира технологијата постепено да ја воведе во европските центри во текот на 2027 година, додека постојните автоматизирани системи ќе бидат дополнително проширени на повеќе локации.

Покрај „Протеус“, Амазон го претстави и системот „STARK“, наменет за автоматско управување и преместување на пакети и кутии во магацините. Овој систем треба да биде имплементиран во најмалку 15 европски објекти до крајот на 2027 година.

Во рамките на пошироката стратегија, компанијата најави отворање на повеќе од 25 нови центри за достава во Европа, со фокус на услуги за испорака во ист ден. Дополнително, ќе се проширува и мрежата за брза достава на секојдневни производи во Велика Британија и Германија.

Амазон во последните години значително ги зголемува вложувањата во вештачка интелигенција, роботика и автоматизација. Според проценките, капиталните инвестиции на компанијата во 2026 година би можеле да достигнат околу 200 милијарди долари.

Експертите оценуваат дека ваквите инвестиции ќе придонесат за побрзи испораки, пониски оперативни трошоци и поголема продуктивност, но истовремено повторно ја отвораат дебатата за влијанието на автоматизацијата врз иднината на работните места во логистичкиот сектор.