Рокот продолжен: Стартува постапката за поевтина струја за дел од прехранбената индустрија, водостопанствата и училишта

21

Заинтересираните од прехранбената индустрија, водостопанствата и училиштата најдоцна до 20 ноември до ЕСМ продажба треба да ги достават потребните документи за склучување на договор за снабдување со поевтина електрична енергија од 1 декември.
Договори со ЕСМ продажба може да склучат физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност со главна приходна шифра – 01.47 oдгледување на живина, 10.11 преработка и конзервирање на месо, 10.12 преработка и конзервирање на живинско месо, 10.13 производство на животинско и живинско месо, 10.41 производство на масла и масти, 10.51 преработка на млеко и производство на млечни производи, 10.61 производство на мелнички производи, 10.71 производство на леб; слатки (колачи и торти) во свежа состојба и бисквити (кекси), и 10.89 производство на останати преxранбени производи, неспомнати на друго место (само за производство на квасец). Исто така, договор може да склучат и потрошувачи на електрична енергија, јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни и/или пречистителни станици и основни и средни јавни училишта.

Овие категории потрошувачи кои ќе сакаат да се префрлат на снабдување со електрична енергија од ЕСМ продажба, велат од АД ЕСМ, ќе треба да ги регулираат своите односи со нивните сегашни или досегашни снабдувачи, и додаваат дека АД ЕСМ тука нема никаква надлежност, вклученост и одговорност, односно тоа е однос меѓу трети страни.

Согласно одлуката на Владата АД ЕСМ преку ЕСМ продажба до 30 април идната година има обврска да ги снабдува со поевтина електрична енергија производителите на основни прехранбени производи, водостопанските јавни претпријатија, основните и средните училишта и јавните здравствени установи.

За физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија ЕСМ ќе нуди повластена цена на електричната енергија од 80 евра за мегават час исклучиво за потрошувачката на броилата за директно извршување на приоритетната дејност, односно исклучиво за производствениот процес. За јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици повластената цена ќе биде 95 евра за мегават час исто како и за 365-те основни и 109-те средни јавни училишта и за јавните здравствени установи.

Процедурите, договорите и придружните документите потребни за склучување договори за снабдување на дел од прехранбената индустрија, водостопанствата и јавните училишта се поставени на официјалната веб страница на АД ЕСМ на линкот https://www.esm.com.mk/?p=14637 од каде засегнатите субјекти можат да ги симнат, пополнат и потпишат и да ги испратат на соодветните меил адреси кои се наведени во упатствата, како и во архивата на АД ЕСМ.

-Одлуката на Владата е донесена со цел да се спречи растот на цените на основните прехранбени производи, да се одржи сигурност и континуитет во снабдувањето со вода и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата во текот на целиот есенски и зимски период, рече вчера премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека документацијата и упатствата се крајно поедноставени.

Побара компаниите од прехранбената дејност, кои ќе добијат струја по повластена цена, да бидат солидарни и да ги намалат цените на основните прехранбени производи за најмалку 10 проценти.

И министерот за економија Крешник Бектеши неодамна рече дека очекува поради намалувањето на цената на електричната енергија, компаниите од прехранбената индустрија да ги поевтинат производите. Доколку, пак, некој ја злоупотреби ситуацијата и домашните основни производи ги продава поскапо од увезените, не е исклучено, рече, Владата да донесе и мерка за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи.

Според компаниите, поевтината струја за еден месец ќе овозможи стабилизирање на пазарот, по што може да се утврди намалувањето на цената на пекарските производи за околу 10 отсто.