Романија и Бугарија за еден месец треба да станат полноправни членки на Шенген зоната

82

Романија и Бугарија треба да станат полноправни членки на Шенген зоната од почетокот на следната година, најави еврокомесарката Илва Јохансон.

Во Европскиот парламент во Стразбур, комесарката за внатрешни работи Јохансон ја потврди неодамнешната најава на унгарското претседателство дека од 1 јануари 2025 година веројатно ќе се укине копнената контрола во Романија и Бугарија.

„Убедена сум дека Романија и Бугарија ќе ги имаат сите придобивки од Шенген зоната од почетокот на следната година“, рече Јохансон.

Шведската политичарка нагласи дека тоа е големо достигнување бидејќи пет години не било на дневен ред прашањето за проширување на Шенген зоната, а Хрватска, Бугарија и Романија биле „заглавени во чекалната“ иако биле подготвени да се приклучат. Хрватска стана полноправна членка на 1 јануари 2023 година.

Јохансон очекува министрите да одобрат целосен влез на двете земји во Шенген зоната на Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи во декември во Будимпешта. Таа нагласи дека тоа го заслужиле поради конкретните мерки воведени на надворешните граници на ЕУ со кои бројот на илегални мигранти е намален за 80 отсто.

Романија и Бугарија се наоѓаат на важни рути за илегална трговија со оружје, дрога и луѓе, но Европската комисија претходно соопшти дека по детална истрага утврдила дека ги исполнуваат сите услови за членство во зоната за слободно патување. Претходно најмногу против неа беа Холандија и Австрија, пренесуваат медиумите во регионот.

Хрватската пратеничка Сунчана Главак во дебатата рече дека целосниот пристап на Романија и Бугарија е „прашање на правичност“ и „од стратешко значење за ЕУ“. Таа нагласи дека нивното патување било „долго и полно со предизвици, вклучително и политички“ и дека ги исполниле техничките услови уште во 2011 година.

„Како Хрватка многу добро разбирам што ќе значи ова за вашите граѓани“, рече пратеничката.