Романија потпиша договор со германскиот „Рајнметал“ за изградба на фабрика за барут

Романија потпиша договор со германската компанија „Рајнметал“ за изградба на фабрика за барут во централна Романија, додека Европа брзо се вооружува.

По потпишувањето на договорот, премиерот Илие Боложан ја поздрави заедничката инвестиција на романската држава и најголемиот европски производител на оружје како знак дека Романија „се појавува како играч со потенцијал во одбранбената индустрија на Југоисточна Европа“, објави Бета.

Се очекува изградбата на фабриката вредна 535 милиони евра (616 милиони долари) во градот Викторија во округот Брашов да започне во 2026 година, да трае три години и да создаде околу 700 локални работни места, рече Боложан.

Како членка на НАТО алијансата, Романија ќе се стреми да финансира дел од своите придонеси преку европскиот механизам SAFE за да ја зголеми одбранбената подготвеност.

„По многу години во кои нашата одбранбена индустрија беше малку барана, Романија влегува во нова фаза поради безбедносната ситуација во Источна Европа. Мило ми е што Рајнметал нè гледа како важен и сериозен партнер и го зајакнува своето присуство во Романија“, рече премиерот.

Извршниот директор на германската компанија Армин Папергер  рече дека барутот што ќе се произведува во фабриката „е потребен низ целиот свет, особено во Европа“ и ќе ја направи Романија клучен играч во одбранбениот екосистем на континентот.

„Стратегијата е Романија да стане составен дел од европскиот екосистем. Романија исто така ќе биде составен дел од екосистемот на НАТО“, рече Папергер .

Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, Романија игра сè поважна улога во НАТО. Таа ѝ го донираше ракетниот систем „Патриот“ на Украина и отвори меѓународен центар за обука на пилоти на млазни авиони Ф-16 од сојузничките земји, вклучувајќи ја и Украина.