РОСА отвора три школи за родителство во здравствените домови во Македонија

59

02Пивара Скопје и Министерството за здравство го најавија својот најнов проект преку којшто ќе се издвојува по еден денар од секое продадено шише Роса вода од 1,5 литри, а средствата ќе бидат наменети за отворање на три школи за родителство во здравствени домови во Македонија.

Овој проект се реализира со поддршка на Министерството за здравство, а истиот е наменет за сите заинтересирани идни родители во Македонија. Негова основна цел е всушност едукација на идните родители и останати членови од семејството како да се справат со секојдневните предизвици што ги носат нивните нови улоги. Првите Роса школи ќе бидат отворени во последниот квартал од 2018 година, кога вакви школи ќе добијат Поликлиниката Јане Сандански во Скопје, Клиничката болница во Битола и Општата болница во Гостивар.

На одржаната прес-конференција се обратија г-дин Родерик Розенбаум, Комерцијален директор на Пивара Скопје, како и министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, кои истакнаа дека отворањето на вакви школи за родителство е од исклучително значење, како за идните родители, така и за здравството во Македонија.

“Со овој проект Пивара Скопје уште еднаш ја потврдува својата определба да биде долгорочен партнер и поддржувач на добросостојбата на сите категории граѓани и заедницата воопшто. Роса школите за родителство се особено значајни за нас како компанија, пред сè бидејќи се работи за први школи од ваков тип во јавниот сектор во Македонија и искрено верувам дека преку нив ќе успееме да направиме позитивен придонес во здравството. Би сакал истовремено и да ја изразам нашата благодарност до Министерството за здравство за нивната поддршка и професионална помош која несебично ќе ја овозможат за сите идни родители, со цел заедно да делуваме во насока на создавање здрави идни поколенија“, изјави г-дин Родерик Розенбаум, Комерцијален директор на Пивара Скопје.

“Навистина ми е чест што заедно со Пивара Скопје го започнуваме овој значаен проект, со којшто сигурен сум дека нема да имаат корист само идните родители, туку и целокупното здравство, особено што допираат еден од најзначајните сегменти, а тоа е родителството. Министерството за здравство ќе обезбеди експертска помош и стручен кадар од доктори специјалисти кои ќе работат во овие школи и верувам дека навистина ќе успееме да одговориме на сите прашања и дилеми врзани со бременоста и новороденчињата, а со тоа и да им ги олесниме новите животни улоги на сите идни родители“, изјави доц. д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Инаку во школите ќе работи обучен и стручен тим од педијатари, гинеколози и акушери, патронажни и гинеколошко-акушерски сестри кои преку бројни работилници организирани во пет тематски целини ќе обучуваат за успешно родителство, за текот на бременоста и нега на трудниците, како и за подготовките за породување, негата и исхраната на новороденчето.

Просториите каде ќе бидат сместени школите ќе бидат комплетно реновирани и опремени со мебел и останата опрема неопходна за успешна реализација на работилниците од страна на Пивара Скопје, а значаен придонес на целата иницијатива всушност ќе дадат и граѓаните од цела Македонија кои ќе ги купуваат пакувањата од 1,5 литар од чија продажба ќе се издвојува по еден денар за оваа цел.