Рубљата падна на речиси осуммесечен минимум во однос на доларот

67

Руската рубља денеска падна на најниско ниво во однос на доларот од крајот на април и се тргува 72 рубљи за еден долар.

Стравувањата за влијанието на западните санкции врз руската нафта и гас предизвикаа руската валута да изгуби повеќе од 15 отсто од вредноста во однос на доларот овој месец, пишува Ројтерс.

Во тргувањето до 6:04 часот по средноевропско време, рубљата падна за 1,4 отсто на 72,00 рубљи за долар, откако претходно го достигна најниското ниво од 72,1350, најниско од 29 април.

Рубљата ослабе во однос на единствената валута во еврозоната за 1,4 отсто на 76,69 рубљи за евро, што е воедно нејзино најниско ниво во последните речиси осум месеци, а во однос на кинескиот јуан падна за 1,8 отсто на најниско ниво во последните седум месеци од 10,26.

Намалувањето на приходите од рускиот извоз во последните месеци се влоши со нафтеното ембарго на Европската унија, кое почна да се применува во декември, а стапува на сила и лимитот на руската цена на нафтата.

Суровата нафта брент, чија цена е глобална референца за сите видови нафта и за најважниот руски извозен ресурс, денеска поскапе за 0,3 отсто на 82,5 долари за барел, пренесува британската агенција.