Русија ги зголеми испораките на гас во Европа

Во првите три месеци од оваа година Русија го зголеми извозот на гас во Европа преку гасоводот Турски тек за 16 отсто во споредба со истиот период минатата година, на 4,51 милијарди кубни метри, пренесе ТАСС, врз основа на пресметките на Европската мрежа на оператори на системи за пренос на гас (ENTSOG).

Во март, пак, извозот е намален за 9,5 отсто во однос на февруари 2025 година, на 1,4 милијарди кубни метри, што значи дека е испорачано најмалку количество гас од јуни минатата година, пресмета ТАСС. Во однос на ланскиот март, обемот на испораките е намален за 1,9 отсто.

Просечно, во март преку „Турски тек“ во правец кон Европа биле испорачани 45 милиони кубни метри дневно, што е за 1,9 отсто помалку од истиот месец лани. Во однос на февруари, испораката на гас е намалена во просек за 18,4 отсто.

Гасоводот Турски тек се протега од Русија до Турција преку Црното Море, потсетува Хина. Нејзината почетна точка е компресорската станица Рускаја во близина на градот Анапа на брегот на Црното Море, а повторно излегува на брегот во Лулебургаз во европскиот дел на Турција.

Неговиот капацитет е 31,5 милијарди кубни метри гас и ги снабдува Турција и земјите од јужна и југоисточна Европа, наведува руската новинска агенција. Во моментов тоа е единствената активна рута за испорака на руски гас во Европа.

Во 2024 година испораките на гас во Европа преку гасоводот Турски тек исто така се зголемија за 23 отсто, на 16,7 милијарди кубни метри, според пресметките на ТАСС врз основа на податоците на ENTSOG.

Повеќе од половина од таа количина, односно рекордни 8,6 милијарди кубни метри, и е испорачана на Унгарија.

Минатата година Русија преку цевководи во Европа испорача вкупно 32,1 милијарди кубни метри гас, 14 отсто повеќе отколку во 2023 година, пренесе ТАСС.