Русија и Индија го потпишаа најголемиот договор за снабдување со нафта во историјата на двете земји

Руската енергетска компанија Роснефт и индискиот конгломерат Reliance го потпишаа најголемиот договор за снабдување со нафта во историјата на двете земји, пишува Тајмс оф Индија, повикувајќи се на три упатени извори.

Според овој договор, Роснефт од јануари следната година ќе и испорачува на Индија 500.000 барели сурова нафта дневно, а снабдувањето ќе трае најмалку десет години, пренесува Танјуг.

Десетгодишниот договор претставува 0,5 отсто од глобалното снабдување со нафта и вреди околу 13 милијарди долари годишно по денешни цени.

Договорот дополнително ќе ја зајакне енергетската соработка меѓу Индија и Русија, која е под западни санкции, додава индискиот весник.

Руската нафта сочинува повеќе од една третина од увозот на енергија во Индија.

Индија стана најголемиот увозник на руска нафта откако Европската унија (ЕУ), претходно најголемиот купувач, воведе санкции за увозот на руска нафта како одговор на војната во Украина која започна во февруари 2022 година.