Русија има намера да купи десетици милијарди долари во „пријателски“ валути – зошто?

151

Русија има намера да купи 70 милијарди долари (околу 4,4 трилиони рубљи) во „пријателски“ валути, објави „Блумберг“, повикувајќи се на нацрт документ на руската влада кој не е официјално објавен.

Според прелиминарните информации, купувањето на валути најмногу ќе биде во кинески јуани.

Како што е наведено од агенцијата, овој план добил поддршка на 30 август на специјален состанок со учество на високи функционери од владата и Централната банка на Русија, вклучувајќи ја и шефицата на финансискиот регулатор – Елвира Набиулина.

Долги години, руската централна банка трупаше стотици милијарди долари, евра и други странски валути како „воздушна перница“ за да ја заштити економијата од флуктуации на цените на нафтата, се вели во изданието. Меѓутоа, „во новонастанатата ситуација е доста тешко и нецелисходно да се акумулираат големи ликвидни девизни резерви како мерка на претпазливост во случај на идни кризи.
„Замрзнатите“ (од западните земји) 300 милијарди долари не и помогнаа на Русија – напротив, тие станаа ранливост и симбол на пропуштени можности“, ја цитира „Блумберг“ презентацијата подготвена за средбата.

Во исто време, во материјалите од предметната конференција се забележува дека е проблематично купувањето валути дури и на „пријателските“ земји. Поточно, продажбата на финансиски средства во јуани „ќе бара посебен договор со Кина, што ќе биде многу тешко да се постигне во контекст на кризата“.

Другите валути, како што е дирхамот на ОАЕ, се предмет на „висок политички ризик“ бидејќи владите ги менуваат своите политики. А турската лира, пак, подлежи на сериозни ризици од девалвација.

Всушност, целта на споменатото финансиско работење е да го „заузда“ брзиот пораст на курсот на рубљата.

Наталија Лаврова, главен економист во BCS Financial Group во Москва, коментира дека купувањето 70 милијарди долари во „пријателски“ валути може да ја поттикне рубљата на 75-80 рубљи за долар, од сегашните нивоа од околу 60 рубљи за долар.

„Купувањето на валути ќе и помогне на Русија да ја ограничи невидената сила на реалниот девизен курс на рубљата, што им штети на извозниците и буџетските приходи“, додава економистот Александар Исаков.

Во документот цитиран погоре се наведува и дека девизните резерви на Русија во јуани во 2022 година би можеле да достигнат 180 милијарди долари. Централната банка на Русија престана да објавува детални информации за златните и девизните резерви на земјата по воведувањето на санкциите – но од 1 јануари резервите во јуани тогаш беа 17%, или нешто повеќе од 100 милијарди долари.