Русија ја укина забраната за извоз на дизел

Во петокот Русија ја укина забраната за извоз на дизел што се транспортира со гасоводи до морските пристаништа, истакнувајќи дека извозниците ќе добијат дозвола доколку испорачаат половина од горивото на домашниот пазар.
„Владата ги укина ограничувањата за извоз на дизел гориво што се доставува до поморските пристаништа по цевковод, под услов производителот да испорача најмалку 50 отсто од произведеното дизел гориво на домашниот пазар“, се наведува во соопштението.

Дизелот е најголемиот руски извозен производ меѓу нафтените деривати, со околу 35 милиони тони извезени во 2022 година, од кои речиси три четвртини беа испорачани преку цевководи. Лани и Русија извезла 4,8 милиони тони бензин, но во петокот ја продолжи забраната за извоз.

Ограничувањата на извозот на гориво од Русија, најголемиот светски извозник по морски пат, пред САД, ги зголемија цените на светскиот пазар и принудија некои купувачи да бараат алтернативни добавувачи.

Откако ЕУ го забрани увозот поради руската инвазија на Украина, Русија го пренасочи извозот на дизел и други горива во Бразил, Турција, неколку земји во Северна и Западна Африка и во земјите од Блискиот Исток на брегот на Персискиот Залив, кои извезуваат нивните производи поради поволните цени.

Во последните месеци Русија се обидува да го реши проблемот со недостигот на гориво и високите цени на горивото, што особено им пречи на земјоделците во времето на жетвата.

Откако беше воведена забраната, големопродажните цени на дизелот на берзата во Санкт Петербург паднаа за 21 отсто, а бензините за 10 отсто.

Ова намалување, сепак, сè уште не се прелеа на малопродажните цени во иста мера, но вицепремиерот Александар Новак тврди дека забраната ги носи првите резултати.

Владата, исто така, во петокот ги зголеми давачките за извоз на гориво за препродавачите од 20.000 рубљи на 50.000 рубли (495,63 долари) по тон и ги врати државните субвенции за рафинериите, кои се во целосна сила од 1 октомври.