Русија ќе и обезбеди на Земјата енергија од вселената

148

Холдингот Руски вселенски системи (Российские космические системы – РКС), дел од Роскосмос, ги заврши работите на проектот на перспективна вселенска електрана која ќе пренесува сончева енергија од вселената на Земјата, соопшти прес-службата на холдингот.

„Проектот ќе обезбеди редовно снабдување со алтернативна електрична енергија на тешко достапните области на Земјата – острови, планини и северни делови, без оглед на временските услови и делот од денот, а исто така ќе овозможи трансфер на енергија на други вселенски летала за „планирано полнење“ во случај на катастрофа“, стои во објавеното соопштение.

Комплексот ќе се состои од два дела – вселенски и земјен. Во вселената ќе има преносен модул, односно вселенско летало без екипаж со површина од 70 квадратни метри, кое ќе ја акумулира сончевата енергија и ќе ја пренесе на Земјата. На површината ќе има приемен модул, односно систем на антени кои преку ласерски канал примаат сончева енергија, ја трансформираат и дистрибуираат.

Руски вселенски системи посочуваат дека преносот на енергија од станицата на Земјата е возможен со минимални загуби, додека соларните панели сместени во вселената се многукратно енергетски поефикасни од оние кои работат на Земјата.

Во таа насока, истражувачкиот инженер Марија Баркова во одделот за развој на напредна опрема при РКС смета дека проектот е алтернатива на термонуклеарната енергија.

„Во атмосферата на нашата планета сончевите зраци се расфрлаат и речиси целосно ја губат енергетската ефикасност. Сепак на отворен простор ефикасноста од користење на сончевата енергија е десет пати поголема. Може да се претвори во ласерски зрак и да се пренесе на Земјата со минимални загуба на енергија, може да црпи неограничена енергија во вселената од обновлив извор – сонцето“, објасни таа.

Планирано е вселенската централа да биде опремена со контролен уред кој ќе овозможи балансирана дистрибуција на енергија, како и поставување на вакви електрани во сончеви синхрони орбити со наклон од 82, 90 и 98 степени. Прецизното насочување на ласерскиот зрак на подвижни копнени ректени (исправени антени) ќе биде обезбедено со софтверски пакет за синхронизација.