Русија лани го зголемила извозот на течен гас во Европа за 20 отсто

67

Русија во Европа во 2022 година испорачала околу 17 милиони тони течен природен гас (ЛНГ), за 20 отсто повеќе отколку во 2021 година, делумно надоместувајќи го падот на извозот преку гасоводи, покажуваат податоците на Refinitiv Eikon.

Европа го зголемила увозот на течен природен гас од Русија поради намалените испораки преку гасоводи по саботажата на двата крака на Северен тек, полските санкции на гасоводот Јамал и преполовените испораки преку Украина.

Во таквите услови рускиот извоз преку гасоводи во Европа во 2022 падна на најниско ниво од распадот на Советскиот Сојуз. Русија истовремено го зголемила вкупниот извоз на ЛНГ во 2022 за 8,6 отсто, на околу 33 милиони тони (околу 45 милијарди кубни метри) од што половина било испорачано во Европа, покажуваат податоците на британската компанија.

Најмногу ЛНГ во 2022 испорачал рускиот произведувач Новатек, кој од проектот Јамал ЛНГ на Арктикот доставил 20,8 милиони тони и 700.000 тони од Криогаз-Висотска на Балтичко Море, според Refinitiv Eikon.

Проектот Сахалин 2 на рускиот Далечен исток, кој го води Газпром, испорачал лани 11,2 милиони тони течен природен гас, за 11 отсто повеќе отколку во 2021. Газпром и Новатек не одговориле на прашањата за коментар на податоците на Refinitiv Eikon.

Фото: Pixabay