Русија очекува нејзиниот извоз на енергија годинава да порасне за 100 милијарди евра

60

Русија предвидува дека нејзината заработка од извозот на енергија ќе се зголеми за речиси 100 милијарди долари оваа година, бидејќи повисоките цени на суровините го неутрализираат падот на обемот, објави Ројтерс, цитирајќи владини документи.

Руското Министерство за економија очекува приходите од извозот на енергија да достигнат 338 милијарди долари во 2022 година, што е повеќе од една третина од 244 милијарди долари во 2021 година.

Скокот на приходите, доколку се реализира, ќе помогне во зајакнувањето на руската економија, која е погодена од санкциите на Западот поради војната во Украина.

Според документите со кои располага Ројтерс, руското Министерство за економија предвидува дека просечната извозна цена на 1 000 кубни метри природен гас оваа година ќе се удвои на 730 долари, пред постепено да падне до крајот на 2025 година.

Извозот на руски гас годинава ќе се намали за околу 15 отсто поради влошувањето на односите меѓу Брисел и Москва поради војната во Украина, а ЕУ најави дека има намера да ја намали својата зависност од увозот на руски гас, со оглед на тоа дека Русија со години е најголемиот снабдувач на гориво во ЕУ.

Министерството за економија очекува заработката од извозот на енергија да достигне 256 милијарди долари во 2023 година, повеќе отколку во 2021 година, бидејќи цените на нафтата и гасот паѓаат на речиси рекордно ниво.

Министерството очекува пад на руската економија годинава од 4,2 отсто. Претходно, Министерството предупреди дека економскиот раст оваа година би можел да падне за дури 12 отсто, што би било најголем пад во речиси три децении, пишува Ројтерс.