Русија предлага формирање на берза за жито БРИКС

126

Руското претседателство со групата БРИКС предлага формирање заедничка берза за жито, нагласувајќи дека целта е да се понуди алтернатива на сегашниот механизам за одредување цени на берзите во западните земји.

„Со цел да се обезбеди ефикасна, непречена и транспарентна прекугранична трговија со стоки, руското претседателство со БРИКС предлага воспоставување платформа за трговија со жито во рамките на берзата за жито БРИКС“, се вели во документот изготвен од Руската централна банка и Министерството за финансии пред закажаниот самит од 22 до 24 октомври во Казан, Русија.

Беше предложено и формирање на агенција БРИКС која ќе ја одредува методологијата за пресметување на цените и ќе ја анализира состојбата на пазарот, со цел да понуди алтернатива на актуелните меѓународни цени на берзите во западните земји.

„Оваа мерка ќе обезбеди независно одредување на цените и ќе го зајакне суверенитетот на економиите-членки на БРИКС“, се наведува во документот. Механизмот за тргување со жито меѓу членките на БРИКС, се додава, ќе вклучува нафта, природен гас и злато во иднина.

БРИКС е основан во 2013 година од Русија, Кина, Бразил, Индија и Јужноафриканската Република. Кина и Индија се најголеми светски производители на пченица, додека Египет, кој оваа година се приклучи на БРИКС, е најголемиот светски купувач, пренесува Хина. Бразил и Иран, кои исто така се приклучија на групата оваа година, се големи купувачи на жито.

Египет и Иран се исто така меѓу најголемите увозници на руска пченица, како и Саудиска Арабија, која беше поканета да се приклучи и Алжир, која ја разгледа можноста за приклучување, а потоа се откажа.