Русија продаде 49% од Калашников на приватни инвеститори

33

калашРуската државна компанија Ростех се согласи да продаде скоро половина од концернот за производство на оружје Калашников на двајца бизнисмени. Андреј Бокарев и Алексеј Криворучко ќе добијат 49% од компанијата за 2,5 милијарди рубљи (75 милиони долари). Државата ќе задржи 51% од компанијата, а парите ќе бидат инвестирани во следните две години во развојни проекти, пишува Риа новости.

Бокарев е косопственик на сибирски рудник за јаглен и поседува компанија која произведува локомотиви и вагони за метрото. Според Форбс, во март 2013 година тој беше на 74 место на листата најбогати Руси, со 1,35 милијарди долари. Криворучко е косопственик на железницата што ја поврзува Москва со аеродромите. Тој во 2006 година беше главен консултант во државниот извозник на оружје Рособоронекспорт.

Властите бараа инвеститори за да го поделат товарот на модернизацијата на овој сектор, кој е главен во руската економија. Во август, фабриката за оружје Ижмаш, производителот на легендарниот Калашников, беше преименувана во Калашников Концерн, а наскоро во неа ќе се интегрираат уште неколку сродни компании, како Ижмек и Кошкина.

Ижмаш произведува повеќе од 70 видови на оружје, вклучувајќи огнено оружје, авионско оружје и артилериски гранати, како и различно спортско и ловечко оружје.

Промената во сопственичката структура е поврзана со стратегијата за развој во индустријата за оружје до 2020 година. Стратегијата предвидува зголемување на профитот за четири до пет пати, на 770 милиони долари, а производството на 1,9 милиони единици годишно.