Русија сака да изгради гасовод во Африка

93

Русија изрази интерес за инвестирање во проектот за гасоводот Нигерија-Мароко, изјави нигерискиот министер за нафта Тимире Силва, цитиран од Ројтерс.

Нигерија и Мароко потпишаа договор за проектот во декември 2016 година. Се очекува гасоводот, со вкупна должина од 5.660 километри, да ги поврзе не само двете земји, туку и некои други африкански земји со Европа.

„Руски претставници ме посетија во канцеларијата минатата недела. Тие навистина сакаат да инвестираат во овој проект за гас, а има и многу други луѓе кои исто така сакаат да инвестираат во проектот“, рече Силва.

Според него, „се работи за гасовод што ќе пренесува нигериски природен гас низ многу земји во Африка, како и до самиот крај на африканскиот континент, каде што ќе има пристап до европскиот пазар“.

Министерот, исто така, рече дека владата планира да започне со спроведување на проектот пред актуелниот претседател Мохамаду Бухари да ја напушти функцијата во мај 2023 година.

Сепак, Силва се уште не посочи никакви финансиски показатели поврзани со изградбата на гасоводот.

Во меѓувреме, стана познато дека како алтернатива на рускиот гас, ЕУ размислува за можен увоз на природен гас од Африка.