Русија создава даночен рај на Курилските острови

77

Сите инвеститори, и руски и странски, вклучувајќи ги и Јапонците, ќе имаат право на даночни, царински и административни олеснувања на Курилските Острови.

Ова го изјави претседателот на Русија, Владимир Путин, на пленарната сесија на Источниот економски форум во Владивосток.

“Нагласувам дека не само домашните компании, туку и странските инвеститори, и секако нашите соседи, вклучително и јапонските партнери, ќе имаат право на даночни, царински и административни придобивки. Разговаравме со нив порано во однос на создавање услови за економски развој на овие острови и нашата соработка на овие територии, рече Путин, пренесува Тасс.

Тој изјави дека на Курилските Острови, на компаниите ќе им бидат понудени невидени бенефиции и стимулации, вклучувајќи ослободување од данок на доход и имот, даноци на земја и даноци за транспорт, во период од 10 години.

“Мораме да создадеме конкурентна средина за нашите партнери за работа. Ова значи дека параметрите како што се даночните оптоварувања, цените на заемите, брзината и квалитетот на јавните услуги за бизнисите треба да бидат глобално конкурентни, најдобри – не подобри, туку најдобри во целиот азиско-пацифички регион“, рече Путин,

Шефот на руската држава, исто така, рече дека Русија е составен дел на азиско-пацифичкиот регион и дека е отворена за соработка со сите земји во таа зона.

Според него, побрзиот развој на рускиот Далечен Исток е долгорочен и апсолутен приоритет на руските власти, на кој владата и регионите, сите нивоа на власта, како и домашните големи компании, државни и приватни, треба да работат заедно.

Според Ројтерс, Путин на Источниот економски форум објавил дека следната година Русија треба да започне со редовен бродски контејнерски сообраќај преку Северното Море, по должината на нејзината северна страна од Владивосток до Санкт Петербург.

Русија нема да ги ограничи другите земји да го користат нејзиниот северен појас за да го преминат Северното Море, рече Путин.

Британската агенција наведува дека САД претходно ја обвинија Русија дека бара од странските бродови да побараат дозвола за минување низ арктичкиот регион, и дека, наводно, под закана со употреба на сила, бара пилотите на руската воена морнарица да се качат на бродовите.

Русија инвестира во инфраструктура за развој на пат низ Северното Море со надеж дека ќе стане главната бродска линија на Арктикот, која се загрева побрзо од остатокот на светот.

Шестиот источен економски форум во Владивосток, кој започна во четвртокот во хибриден формат, ќе трае до денеска (4- ти септември).