Русија возвраќа на санкциите поради инвазијата на Украина, забранувајќи извоз на голем број производи во некои земји до крајот на годината.
Министерството за економија на Русија соопшти дека извозот на телекомуникациска, медицинска, земјоделска, автомобилска и електрична опрема, како и на некои шумски производи како дрво, е забранет до крајот на 2022 година, пренесе Би-би-си.
Дополнителните мерки може да вклучуваат забрана за пристап на странски бродови до руските пристаништа, соопшти Министерството.
Во соопштението се вели дека мерките се „логичен одговор на оние наметнати на Русија“ и ќе влијаат на 48 земји, вклучувајќи ги ЕУ и САД.
Министерството додаде дека забраните за државите кои „извршиле непријателски дејствија“ против Русија „се насочени кон обезбедување непречено функционирање на клучните сектори на економијата“.
Рускиот премиер Михаил Мишустин изјави дека забраната ќе го опфати извозот на стоки од странски компании кои работат во Русија. Овие стоки вклучуваат автомобили, железнички вагони и контејнери.
Претходно поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев предупреди дека имотот во сопственост на западните компании кои се повлекле од Русија може да се национализира.
Странските компании масовно ја напуштаат Русија или ги суспендираат инвестициите, вклучувајќи гиганти како Caterpillar, Rio Tinto, Starbucks, Sony, Unilever и Goldman Sachs.
Рускиот парламент усвои закон со кој се направи првиот чекор кон национализација на имотот на странските компании кои ја напуштаат Русија.











