Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Русија врати 18 тони јагоди произведени во Турција, откако инспекцијата откри ситни инсекти на овошјето.
Портпаролот на службата, Алексеј Алексејенко изјави дека 18 тони јагоди од Турција не ги поминале инспекциите и сметаат дека плодовите не се здрави.
“Испитувањата во лабораториите пронајдоа инсекти Frankliniella occidentalis (western flower thrips) на јагодите. Затоа одлучивме да ги вратиме во Турција”, изјави Алексејенко.
Русија е најголемиот увозник на свежи овошје и зеленчук од Турција, но до сега поради истиот проблем имало враќање на повеќе продукти. Пред две години Русија врати 50 тони домати и 52 тони грозје во 2010 година. Минатата година на турските произведувачи им беа вратени 260 тони мандарини.
Се шпекулира дека вратените јагоди сега ќе се најдат кај уличните продавачи во Турција. Овие продавачи не се предмет на инспекции, а вратените јагоди ги купуваат за поевтини цени од сопствениците, пишуваат турските медиуми.