Руски милијардер се откажува од руското државјанство: Нема да имам ништо со фашистичка земја

91

Милијардерот Олег Тинков, основач на онлајн банката Тинкоф, изјави дека се откажал од руското државјанство поради конфликтот во Украина, кој силно го критикуваше.

„Донесов одлука да се откажам од моето руско државјанство. Не можам и не сакам да ме поврзуваат со фашистичка земја која започна војна со својот мирен сосед и секојдневно убива невини луѓе“, напиша Тинков на Инстаграм.

Милијардерот изрази надеж дека и други истакнати руски бизнисмени ќе го следат неговиот пример, со цел да го ослабат „режимот на претседателот Владимир Путин и неговата економија“ и на крајот да го поразат.

Заедно со пораката, Тинков објавил фотографија од потврда од рускиот конзулат со која се потврдува дека повеќе нема руско државјанство.

Ја мразам Путиновата Русија, но ги сакам сите Руси кои очигледно се против оваа луда војна“, додаде Тинков.

Неговата успешна банка наведе во 2020 година дека е трета по големина банка во Русија по Сбербанк и ВТБ. Банката додаде дека има околу 20 милиони клиенти.

Тинков силно ја критикуваше „апсурдната“ руска офанзива во Украина во април, повикувајќи го Западот да помогне да се стави крај на „масакрот“.

Милијардерот беше уапсен во 2020 година во Лондон на барање на САД, кои го обвинија за затајување данок. Тој подоцна беше ослободен со кауција и беше на лекување во Лондон од леукемија.

Бизнисменот се повлече од функцијата извршен директор на Tinkoff Bank во 2020 година, бидејќи банката сакаше да се огради од неговите изјави против руската инвазија на Украина.