Руски тајкун кој ја нарече војната “луда“ продаде удел во банка за „ситница“

73

Рускиот милијардер Олег Тинков, кој војната на Москва против Украина ја нарече „луда“, го продаде својот удел во компанија на Владимир Потанин, тајкун близок до претседателот Владимир Путин.

Interros Capital на 28 април објави дека ќе го преземе уделот на Тинков од 35% во TCS Group Holding, групацијата која ја поседува втората по големина руска банка, Tinkoff Bank. Interros додаде дека руската централна банка го одобрила договорот.

Деталите за цената не беа откриени, но новинската агенција РБК ја процени зделката на околу 2,4 милијарди долари. TCS Group Holding со седиште во Кипар контролира широк опсег на компании од банкарство и осигурување до мобилни телефони.

Олигархот Олег Тинков, во интервју за „Њујорк тајмс“ рече дека руските власти всушност го принудиле да го продаде својот семеен удел во TCS Group (сопственик на Тинкоф банка, Тинкоф осигурување и други имоти).

Според Тинков, тој добил само околу 3% од реалната, според него, вредност на средствата за TCS Group.

Тој вели дека го продал својот удел во банката за ситна сума.

„Се додека Путин е жив, се сомневам дека нешто ќе се промени. Не верувам дека Русија има иднина“, рече Тинков.

Тинков рече дека бил принуден итно да продаде удел откако дал антивоени изјави. Според него, претставници на претседателската администрација контактирале и со раководството на банката и се заканиле дека ќе ја национализираат доколку Тинкоф банка не ги прекине врските со основачот. „Тоа беше како заложничка ситуација – го земаш тоа што ти го нудат. Не можев да преговарам“, рече Тинков.

Во исто време, бизнисменот нагласи дека сепак ќе ги напушти руските имоти, бидејќи „не верува дека Русија има иднина“ под актуелната влада и не е подготвен за фактот дека „неговиот бренд и неговото име ќе бидат поврзани со земја која ги напаѓа соседите без никаква причина“.

Тинков (54), кој долго време помина надвор од Русија за да се лекува од леукемија, на социјалните мрежи остро ја критикуваше руската агресија врз Украина, откако беше цел на британските санкции заедно со другите богати руски бизнисмени поради војната.

Минатата недела Тинков повторно ја осуди војната во Украина, велејќи дека 90 отсто од Русите не ја поддржуваат.

„Невини луѓе и војници умираат“, напиша тој во објавата на Инстаграм на 19 април.

Потанин (61) е шеф на рударскиот гигант Norilsk Nickel, кој има корист од високите цени на металите во последните месеци. Тој е вториот најбогат човек во Русија, со богатство проценето на 17,3 милијарди долари, според магазинот Форбс.