Руски тајкуни го зголемија своето богатство за 3 милијарди долари за само една трговска сесија

261

Тргувањето на Московската берза продолжи во четвртокот по пауза од речиси еден месец, бидејќи главниот индекс MOEX Russia додаде речиси 12% и на крајот го заврши денот со раст од 4,4%, пренесe „Bloomberg“.

Само 33 од 50 компании кои го сочинуваат индексот се тргуваа за време на кратката сесија, но Русите кои го направија тоа, го зголемија своето богатство за повеќе од 2,7 милијарди долари, според Bloomberg Billionaires Index, кој ги следи 500-те најбогати луѓе во светот. Во еден момент во денот, зголемувањето на нивното богатство надмина 10 милијарди долари.

Десетици руски милијардери се санкционирани од Европската унија и Обединетото Кралство откако Кремљ ја започна својата војна против Украина. Имотот на некои од нив во овие јурисдикции е конфискуван, додека други френетично почнаа да ја пренесуваат сопственоста, додека можат. Но, за 10-те тајкуни чии акции продолжија да се тргуваат, растот на акциите исто така го зголеми нивниот профит.

Леонид Микелсон и Генадиј Тимченко го зголемија своето богатство за повеќе од 1 милијарда долари за време на сесијата во четвртокот. Тимченко беше санкциониран од Европската Унија, Обединетото Кралство и САД, а Микелсон не. Владимир Потанин, кој исто така не беше санкциониран, останува најбогат човек во Русија со богатство од 26,3 милијарди долари.

Заработката во четвртокот делумно го компензира падот од 33 отсто на 24 февруари, денот кога Русија ја нападна Украина. Пред затворањето, 23-те тајкуни, едни од 500-те најбогати луѓе во светот, имаа вкупно богатство од повеќе од 316 милијарди долари, што е намалување за 58 милијарди долари од почетокот на годината.

Сепак, имаше одредени ограничувања за 33-те акции кои продолжија со тргувањето на Московската берза, што помогнаа пазарот да остане во живот: на странците не им беше дозволено да ги продаваат своите средства и беа забранети кратките продажби.