Рускиот БДП падна за четири отсто во вториот квартал

83

Рускиот бруто домашен производ (БДП) е намален за четири отсто на годишна основа во вториот квартал од оваа година, бидејќи западните економски санкции влијаат на руската економија, објави денеска руската агенција за статистика Росстат.

Во периодот од април до јуни, БДП „според прелиминарните проценки беше 96 отсто од нивото постигнато во истиот период во 2021 година“, рече Росстат во соопштението за печатот сумирано од француската новинска агенција АФП.

Станува збор за објавување податоци за движењето на рускиот БДП во првиот квартал кој целосно го одбележа војната во Украина, посочува и АФП.

Неколку светски финансиски институции ги намалија економските изгледи за Русија и Украина по почетокот на руската инвазија на Украина. Во мај, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) предвиде за Украина дека нејзиниот БДП оваа година би можел да падне за 30 отсто, додека економската активност во Русија би можела да се намали за 10 отсто.

Пред Русија да ја започне својата инвазија на Украина на 24 февруари, лондонската банка предвидуваше раст од 3,5 отсто за Украина оваа година и зајакнување од 3 отсто за Русија.

Во средината на април Светска банка објави дека украинскиот БДП годинава ќе падне за 45,1 отсто, а рускиот за 11,2 отсто.