Рускиот извоз силно порасна во 2022 година

75

Трговскиот суфицит на Русија надмина 330 милијарди долари во 2022 година, што го одразува скокот на извозот и високите цени на нафтата на светските берзи, покажаа податоците на царинската управа.

Минатата година рускиот извоз е зголемен за 20 отсто, на 591,5 милијарди долари. Увозот е намален за 12 отсто, на 259,1 милијарди долари. Така, суфицитот во рускиот трговски биланс е за 68 отсто поголем од 2021 година, достигнувајќи 332,4 милијарди долари, објави Царинската управа.

Благодарение на високите цени, руските приходи од продажба на сурова нафта и нафтени деривати скокнаа за 42 отсто минатата година и покрај санкциите на Западот, што пак го ограничи рускиот увоз.

Со цел да ги ограничат приходите на Русија за финансирање на војната во Украина, Г7 и нејзините партнери, вклучително и ЕУ, на крајот на минатата година ги ограничија цените на руската нафта на 60 долари, заканувајќи им се на осигурениците и превозниците со санкции доколку транспортираат поскапи барели.

Во февруари ги ограничија и цените на поскапите деривати на 100 долари, а на поевтините на 45 долари, што би требало да го намали рускиот приход оваа година. Ценовната сопирачка веќе јасно се почувствува во првите два месеци од годинава, забележува агенцијата dpa. Во меѓувреме, рускиот увоз речиси се врати на предвоените нивоа, делумно поради „сивите“ испораки преку трети земји.

Фото: Facebook