Руските банки постигнаа рекордна профитабилност во 2024 година

Руските банки минатата година остварија рекорден годишен профит од четири трилиони рубљи или 40,7 милијарди долари, објави Централната банка на земјата.

Банкарскиот сектор на земјата со тоа покажува дека се опоравува од ефектите од санкциите, пред сè поради високите каматни стапки и солидниот кредитен раст.

Основната каматна стапка на централната банка сега е 21 процент, што ги зголеми нето каматните маржи на банките. Сепак, сè уште е забележливо дека растот на кредитирањето забавува бидејќи некои компании се откажуваат од барање извори на финансирање за развојни проекти поради зголемените трошоци за задолжување и претпочитаат да ги задржат парите во вид на депозити.

Централната банка најавува дека профитабилноста на банките годинава ќе биде помала.

Извршниот директор на Сбербанк, Герман Греф, ги нарече високите каматни стапки „колосален предизвик“ за банките и компаниите, а шефот на втората по големина банка, Андреј Костин, рече дека построгата регулатива исто така ќе и наштети на профитабилноста.

Растот на кредитирањето забави во 2024 година и за компаниите и за граѓаните, а тоа најсилно се почувствува кај станбените кредити, каде растот забави од 34,5 отсто во 2023 година на 12,4 отсто лани.

Од друга страна, растот на корпоративното кредитирање доведе и до зголемување на бројот на нефункционални кредити, иако вкупниот процент падна на 3,8 отсто поради растот на целокупното портфолио.

Еден од водечките тинк-тенкови кои ја советуваат владата предупреди дека оваа година може да се случи бран банкротства во корпоративниот сектор, според Ројтерс.