Руските бизнисмени го зголемија своето богатство за 21,13 милијарди долари

Вредноста на имотот на најбогатите руски бизнисмени се зголеми за 21,13 милијарди долари, покажуваат најновите податоци на индексот на милијардери на Блумберг. Владимир Потанин е прв налистата кај Русите, а најголеми загуби претрпе Сулејман Керимов.

Потанин, сопственикот на компанијата Норникел, сè уште е најбогат меѓу руските бизнисмени. Од почетокот на тековната година неговото богатство е намалено за 210 милиони долари на 28,4 милијарди долари.На второ место е косопственикот на компанијата Новатек, Леонид Микелсон, чие богатство се зголеми за 2,68 милијарди долари на 27,3 милијарди, пренесува Комерсант.

Претседателот на одборот на директори на НЛМК Владимир Лисин, кој е на третото место на оваа листа, го зголеми своето богатство за 3,42 милијарди долари на 23,3 милијарди долари. Четвртиот е основачот на компанијата Лукоил, Вагит Алекперов, кој годинава заработил 6,4 милијарди долари, па неговото богатство се зголемило на 21,8 милијарди.

Алишер Усманов е на петтото место со 18,2 милијарди долари. Загуби 233 милиони долари, а по него Алексеј Мордашов, главниот акционер на Северстал. Годинава заработил 520 милиони долари, а неговото богатство порасна на 18,2 милијарди долари.

Најголема загуба годинава претрпе членот на Советот на Федерацијата од Дагестан и бизнисменот Сулејман Керимов. Станува збор за загуба од 1,48 милијарди долари, по што неговото богатство се намали на 7,52 милијарди долари.

Најбогатите Руси изгубија речиси 94 милијарди долари во 2022 година. На денот кога започна војната во Украина на 24 февруари, тие загубија 46,6 милијарди долари, а уште 47 милијарди откако западните земји воведоа санкции кон Русија.