
Руското Министерство за индустрија и трговија го проценува потенцијалот на извозот на беспилотни летала во опсег од 4,5 до 10,5 милијарди евра годишно, изјави денес рускиот министер за индустрија и трговија Антон Алиханов.
На форумот „Беспилотни системи: Технологии на иднината“, тој истакна дека светскиот пазар на беспилотни летала има големи можности, објави ТАСС.
„Бројките се огромни и сега е доста тешко да се поверува во нив, но ако зборуваме само за потребите на одбраната и безбедноста, тогаш веќе можеме да ги видиме проценките за сегашната и идната потрошувачка во различни региони во светот“, рече Алиханов.
Тој истакна дека има значително зголемување на пазарот на беспилотни летала во Русија поради Специјалната воена операција.
– Разбираме дека обемот на нарачки за воени производи сериозно ќе се намали во одреден момент и многу е важно што веќе покажуваме во одбранбените сектори како технологиите првично развиени за војна можат да се користат во корист на економијата на различни сектори – рече министерот.











