Руските богаташи се во страв за своите мегајахти откако западните земји воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина.
Бројот на компании, но и на приватни лица опфатени со санкциите постојано се зголемува, што особено им влева страв на олигарсите блиски до режимот на Путин. Според CNBC, повикувајќи се на страниците кои се занимаваат со поморскиот сообраќај, најмалку четири огромни јахти во сопственост на руски тајкуни изминатите денови ги напуштиле своите пристаништа и се упатиле кон Црна Гора и Малдивите, пренесува Јутарњи.хр.
Олигарсите, всушност, веруваат дека нивните јахти на Малдивите ќе бидат надвор од дофатот на американските и европските санкции.
Се верува дека имотот на таргетираните руски олигарси ќе претрпи уште еден удар откако американскиот претседател Џо Бајден најави формирање работна група која ќе подготви нов пакет мерки против нив, кој треба да вклучува имот како вили и суперскапи бродови. Франција, исто така, составува список на имоти на руските олигарси, вклучувајќи скапи јахти и автомобили, кои би можеле да бидат запленети како резултат на европските санкции.











