САД ги предупредија кинеските компании да не и помагаат на Русија со можните санкции

Соединетите Држави ги предупредија кинеските компании дека ќе се соочат со последици доколку се обидат да избегнат каква било контрола на извозот, наметната на Москва, во случај на руска инвазија на Украина.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс ја даде оваа забелешка откако кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека Кина и Русија ги координирале своите позиции за Украина за време на состанокот меѓу нивните министри за надворешни работи во Пекинг во четвртокот, објави Ројтерс.

„Имаме сет на алатки кои можеме да ги користиме ако видиме дека странските компании, вклучително и оние во Кина, прават се што е можно за да ги избегна или заобиколат акциите за контрола на извозот на САД“, рече Прајс на редовниот брифинг.

Западните земји велат дека секоја руска инвазија на Украина ќе доведе до санкции против Москва, а Вашингтон соопшти дека е подготвен да воведе финансиски санкции, како и мерки за контрола на извозот.

Службеникот за национална безбедност на Белата куќа, Питер Харел, во средата изјави дека Вашингтон работи на мерки за контрола на извозот со сојузниците во Азија, вклучувајќи ги Јапонија и Јужна Кореја.

Прајс рече дека Русија треба да знае дека поблиските односи со Пекинг нема да ги компензираат последиците од инвазијата.

„Ако Русија мисли дека ќе може да ублажи некои од овие ефекти преку поблиски односи со Кина, тоа не е случај. Ова всушност ќе ја направи руската економија многу покревка“, рече тој.

„Ако се откажете од можноста да правите бизнис со Западот, да увезувате од Запад, од Европа, од САД, значително ќе го нарушите вашиот производствен капацитет и вашиот иновативен потенцијал“.

Прајс рече дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји имале проширена дискусија за потенцијалните последици од дејствијата на Русија против Украина во телефонски разговор минатата недела.

Запрашан да ги коментира забелешките на Прајс, Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон, рече: „Ги забележавме релевантните извештаи. Создавањето тензии не помага за ублажување на кризата во Украина, туку само додава поголема неизвесност во регионот и светот. Кина е цврсто против тоа“.

Кинеското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека Ванг се сретнал со рускиот колега Сергеј Лавров и изразил „разбирање и поддршка“ за рускиот безбедносен став за односите на Русија со САД и НАТО.

Во официјалниот извештај за состанокот се вели дека двете земји ги координирале своите позиции за регионалните прашања од заеднички интерес, како што се Украина, Авганистан и ситуацијата на Корејскиот полуостров.

Советот за безбедност на ОН треба да се состане во петок на барање на Соединетите Американски Држави и Велика Британија по лансирањето на балистичка ракета со среден дострел во Северна Кореја минатиот викенд.

Соединетите Држави повикаа на повеќе меѓународни санкции против Северна Кореја поради неодамнешната серија ракетни тестови, но минатиот месец Кина и Русија ги одложија обидите на САД да воведат санкции на ОН за пет Севернокорејци поради програмите за оружје на нивната земја.

Лавров е во Пекинг со претседателот Владимир Путин, кој во петок ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг пред да присуствува на церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри во Пекинг.