САД го истражуваат Huawei за воена шпионажа

92

Американската влада започна нова истрага против кинескиот производител на телекомуникациска опрема Huawei. Властите стравуваат дека опремата на Huawei во американските мобилни кули би можела да шпионира за кинеската влада, собирајќи чувствителни информации од воените бази и ракетните силоси.

Американските власти веруваат дека Huawei може да ја искористи опремата за да добие пристап до доверливи податоци за воените вежби, како и до статусот на подготвеност на базите и нивниот персонал, објави Ројтерс, цитирајќи извор кој сакаше да остане анонимен, бидејќи истрагата е доверлива и поврзана со националните безбедност.

Американското Министерство за трговија ја започна истрагата во април 2021 година. Набргу потоа, претставниците на Huawei беа повикани да ги објаснат политиките на компанијата за споделување податоци, вклучувајќи текстуални пораки и податоци за локацијата.

Покрај тоа, од кинеската компанија е побарано да им достави на американските власти целосен каталог на опрема што може да се продаде на која било американска телекомуникациска компанија.

Запрашан од Ројтерс, портпаролот на министерството рече дека не може „да ги потврди или негира тековните истраги“. Изворот додаде дека „заштитата на безбедноста на граѓаните на САД од злонамерно собирање разузнавачки информации е од витално значење за заштита на американската економија и националната безбедност“.

Huawei силно ги негира обвинувањата на американската влада дека може да ги шпионира американските клиенти и да претставува закана за националната безбедност. Официјален Пекинг се залага за Huawei, како и за други кинески компании, преку кинеската амбасада во Вашингтон.

„Американската влада го злоупотребува концептот на национална безбедност и државна моќ за да направи се што може за да ги потисне Huawei и другите кинески телекомуникациски компании без да обезбеди убедливи докази дека тие претставуваат закана за безбедноста на Соединетите држави и другите земји“, соопштија од амбасадата.

Доколку американското Министерство за трговија одлучи дека Huawei претставува закана за националната безбедност, може да се воведат нови, уште построги санкции кон компанијата. Регулаторот би можел да им забрани на американските компании од какви било зделки со Huawei и исто така да бара од американските оператори кои сè уште ја користат опремата на кинеската компанија брзо да се префрлат на друга. Во спротивно, може да се соочат со парични казни или други последици.