САД го укинаа повластениот трговски статус на Русија и Белорусија – следат високи увозни тарифи

56

Американскиот Конгресот изгласа официјално укинување на привилегираниот трговски статус на Русија и Белорусија како одговор на војната во Украина, отворајќи го патот за воведување казнени тарифи за производи од двете земји.

Американскиот претседател Џо Бајден, во координација со неговите европски сојузници, ја објави мерката минатиот месец со цел понатамошна изолација на Русија од светската сцена, но мерката мораше да биде одобрена од Претставничкиот дом и американскиот Сенат.

Мерката силно ја поддржаа двете партии во двата дома на Конгресот.

Со укинување на статусот на Русија како привилегирана нација, основниот принцип на реципроцитет во слободната трговија, Западот де факто ќе ја отсече Русија од светската слободна трговија со право да воведе високи царини за увезените руски производи.

Што се однесува до САД, само уште две земји во моментов се исклучени од овој режим на реципроцитет, кој е основен елемент на меѓународните трговски односи – Куба и Северна Кореја.

Минатата година САД увезле руски производи за околу 30 милијарди долари, од кои 17,5 милијарди биле за нафта.