САД годишно ќе имаат над 500 милијарди долари приходи од царини

Cекретарот за финансии на САД, Скот Бесент, објави дека приходите од тарифите кои ги воведе претседателот Доналд Трамп, би можеле да го надминат износот од 500 милијарди американски долари на годишно ниво.

Бесент го соопшти ова на седница на кабинетот во Белата куќа, додавајќи дека неговата претходна пресметка од 300 милијарди долари годишен приход е потценета. “Имавме значаен пораст од јули до август и мислам дека ќе сведочиме на уште поголем од август до септември”, рече тој.

“Затоа сметам дека можеме да бидеме на добар пат кон многу повеќе од половина билион, можеби дури и еден билион”, дополни тој. Тој исто така истакна: “Оваа администрација, вашата администрација, значајно го намали буџетскиот дефицит”.

Овие приходи од царините би требало да го неутрализираат порастот на дефицитот предизвикан од намалувањето на даноците и законската регулатива за трошење на Трамп, донесена оваа година. Според прогнозите на Канцеларијата за буџет на Конгресот (CBO), овој закон треба да го зголеми дефицитот за 3,3 билиони долари во следните десет години.

Минатата недела, Канцеларијата процени дека приходите од царините на Трамп би можеле да го намалат федералниот дефицит за четири билиони долари во период од десет години. Во јуни, тие предвидуваа дека намалувањето би можело да достигне три билиони долари во текот на десет години.