САД и ЕУ разгледуваат забрана за увоз на руска нафта

Соединетите држави и европските партнери размислуваат за забрана за увоз на руска нафта, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, нагласувајќи ја важноста од стабилното глобално снабдување на горива.

„Разговаравме со нашите европски партнери за забрана на увозот на руска нафта во нашите земји, се разбира, притоа и за стабилно одржување на глобалното снабдување со нафта“, рече Блинкен во интервју за NBC.

Блинкен, кој во моментот е во посета низ европските земји за да се координира со европските партнери за мерките против руската инвазија на Украина, додаде дека разговарал за ова и со претседателот на САД, Џо Бајден, и неговиот кабинет во саботата.

Блинкен го коментираше ова откако цените на нафтата нагло се зголемија, а САД и нивните сојузници воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина.

Вашингтон воведе санкции на извозот на технологии за руските рафинерии и за гасоводот Северен тек 2, кој сѐ уште не е пуштен во употреба иако од крајот на минатата година беше целосно завршен и покрај американските санкции.

Досега санкциите не беа насочени кон руската нафта и гас, бидејќи администрацијата на Бајден сè уште го разгледува влијанието на таквата одлука врз глобалниот пазар на нафта и цените на енергијата во САД.

На прашањето дали САД ја отфрлиле можноста за еднострана забрана за увоз на руска нафта, Блинкен рече дека сè е на маса, но и дека сè што прави Вашингтон го прави во координација со сојузниците и партнерите.

Американците се најголемите потрошувачи на бензин во светот, поради многубројните автомобили, долгите растојанија и слабиот јавен превоз во некои области. Зголемувањето на цените на бензинот отсекогаш било чувствително прашање за американските политичари.