
САД планираат да му доделат на тајванската TSMC 6,6 милијарди долари грантови и 5 милијарди долари заеми за да му помогнат на најголемиот светски производител на чипови да изгради фабрики во Аризона, проширувајќи ги напорите на американскиот претседател Џо Бајден да го поттикне домашното производство на критична технологија.
Според прелиминарниот договор објавен од САД во понеделникот, TSMC ќе изгради трета фабрика во Феникс, покрај две фабрики кои се очекува да бидат отворени во 2025 и 2028 година, пишува Bloomberg. Споменатиот пакет ќе поддржи повеќе од 65 милијарди долари инвестиции во три фабрики на TCMC, која произведува чипови за Apple, Nvidia и други технолошки гиганти.
„За прв пат досега, ќе ги правиме, во големи количини, најнапредните полупроводнички чипови на планетата овде во САД“, рече американскиот министер за трговија Џина Раjмондо, додавајќи дека овие производи ќе го поддржат развојот на вештачката интелигенција. Таа додаде дека ова е најголемата директна странска инвестиција во историјата на САД за гринфилд проект.
Рајмондо рече дека 14 добавувачи планираат да изградат или прошират капацитети во Аризона или на друго место во САД за да ги поддржат производствените погони на TSMC. Таа истакна дека 70 отсто од клиентите на производите што ги произведува TSMC се американски компании и дека се решени да купуваат чипови произведени во САД, пренесува Никеи.
TSMC е најголемиот договорен производител на чипови во светот, опслужувајќи ги водечките светски технолошки компании, вклучувајќи ги Apple, Nvidia, Amazon и Qualcomm. Директното финансирање од 6,6 милијарди американски долари на TSMC е најголемиот грант од американската влада за странски производител на чипови досега.











