САД, Јапонија и Индија ги приземјија дримлајнерите на Боинг

64

787Американските, јапонските и индиските власти одлучија привремено да ги забранат летовите на Boeing 787 Dreamliner по повеќе инциденти, што претставува тежок удар за американската компанија. Оваа одлука предизвика пад на цената на акциите на овој авиопроизведувач за 3,4%, со што Боинг вчера беше меѓу најголемите губитници на Wall Street.

“Боинг 787, кој во последната недела имаше неколку дефекти, мора да остане на тло до нова одлука”, изјави јапонскиот помошник министер за сообраќај, Хироши Каџијама, споменувајќи притоа дека очекуваат потврда за безбедноста на батериите и другата опрема.

Американската федерална воздухопловна управа (FAA) претходно побара сите дримлајнери регистрирани во САД да престаната да летаат додека се чека потврда за нивната безбедност. Оваа забрана се однесува на компанијата United Airlines, која единствена во својата флота има 787 авиони, и тоа шест примероци.

Денес истото го сторија и властите во Индија, по препорака од американските сојузни воздухопловни власти поради безбедноста.

Air India во 2005 купи 25 дримлајнери поради модернизирање на флотата. Досега се испорачани шест авиони.

Директорот на Боинг, Џим Мекнерни реагира на ваквите одлуки и изјави дека компанијата ќе ги преземе сите потребни мерки за во идните неколку дена да ги убеди своите клиенти и патници во безбедноста на авионите од типот 787.