
САД воведоа санкции за десетици луѓе и субјекти, пред се приватни воени компании, фирми и субјекти поврзани со руската држава.
Според Ројтерс, санкциите, кои ги воведоа американското Министерство за финансии и Стејт департментот, се однесуваат на повеќе од 120 субјекти и поединци во повеќе од 20 земји, вклучително и посредници во избегнувањето на санкциите, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„САД ќе продолжат да преземаат акции против Русија и оние кои ја поддржуваат нејзината војна во Украина, вклучително и понатамошна имплементација на заложбата на Г7 за наметнување тешки последици врз актери од трети земји кои ја поддржуваат руската војна во Украина“, рече Блинкен.
Министерството за финансии во посебна изјава рече дека воведе санкции за руски финансиски посредници и затајувачи на санкции ширум светот, вклучително и поединци и компании со седиште во Кина, Турција, Обединетите Арапски Емирати и други.











