САД сакаат да го ограничат производството на чипови во Кина

85

Соединетите Држави размислуваат да ги ограничат испораките на американска опрема за производство на чипови за кинеските производители.

Информациите доаѓаат од анонимни извори блиски до Белата куќа, цитирани од Ројтерс.

Со оваа мерка, американската влада ќе се обиде да го запре ширењето на Кина во производството на полупроводници и да ги заштити сопствените компании.

Доколку администрацијата на претседателот Џо Бајден ја одобри одлуката, тоа може да им наштети и на јужнокорејските производители на чипови како Samsung и SK Hynix, велат владините извори.

Samsung има две големи фабрики во Кина, додека SK Hynix го купи бизнисот за производство на флеш мемориски чипови NAND на Intel во земјата.

Планираните ограничувања вклучуваат забрана за снабдување со американска опрема за производство на модерни NAND чипови во Кина.

Целта на мерката е да се гарантира националната безбедност, како и пазарните позиции на американските производители на мемориски чипови Western Digital и Micron Technology, кои заедно имаат удел од околу една четвртина од пазарот на чипови NAND.

Чиповите NAND складираат податоци во уреди како што се паметни телефони, персонални компјутери и во центрите за податоци на компании како Amazon, Facebook и Google. Колку гигабајти податоци може да собере телефонот или лаптопот се одредува според тоа колку NAND чипови содржи и која генерација се тие.

Мерката планирана од американските власти ќе забрани извоз во Кина на опрема што се користи за производство на чипови NAND со повеќе од 128 слоеви. LAM Research Corp и Applied Materials со седиште во Силиконската долина се главните добавувачи на вакви инструменти.

YMTC, основана во 2016 година, е растечка сила во производството на чипови NAND. Micron и Western Digital се под притисок од ниските цени што ги наметнува на пазарот, се вели во извештајот на Белата куќа од јуни 2021 година. Во него се опишани YMTC како „национален шампион“ на Кина и примател на околу 24 милијарди долари кинески субвенции.

YMTC веќе е под истрага на американското Министерство за трговија поради кршење на американските извозни контроли за продажба на чипови на кинеската телекомуникациска компанија Huawei.

Тензиите меѓу Кина и САД поврзани со технолошкиот сектор се продлабочија под администрацијата на Доналд Трамп и оттогаш продолжуваат. Во јули оваа година, Ројтерс објави дека администрацијата на Бајден, исто така, размислува за ограничувања за набавка на алатки за производство на напредни логички чипови, сакајќи да го попречи најголемиот кинески производител – SMIC.

Минатата недела американскиот Конгрес одобри легислатива чија цел е да им помогне на САД да се натпреваруваат со Кина со инвестирање милијарди долари во домашното производство на чипови.

На производителите кои земаат пари според мерката ќе им биде забрането да градат или да го прошират производството на одредени напредни чипови во некои земји, вклучително и Кина.

Според Волт Кун од консултантската компанија Yole Intelligence, YMTC има удел од околу 5% од глобалното производство на NAND флеш мемориски чипови, речиси двојно повеќе од претходната година. Western Digital држи околу 13% од пазарот, а Micron 11%. Тој рече дека YMTC ќе биде силно погодена од ограничувањата што ги разгледува администрацијата на Бајден.

Производството на чипови NAND во Кина порасна на повеќе од 23 отсто од вкупното глобално производство оваа година, во споредба со под 14 отсто во 2019 година, додека производството во Соединетите држави падна од 2,3 отсто на 1,6 отсто во истиот период, покажуваат податоците на Yole. Покрај тоа, речиси целото производство на американските компании се врши во странство.